Почетна Убавина и здравјеТргнав во Милано на концерт, останав на клупа во парк! – Убавина и здравје

Тргнав во Милано на концерт, останав на клупа во парк! – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

„Mама миа“ може да значи повеќе работи, а јас ги преживеав сите нејзини семантички слоеви

Постојат два типа луѓе кога ќе се вратат од патување. Едните ви покажуваат 100 фотографии од катедрали, музеи, плоштади и зајдисонца. Другите почнуваат со: „Леле, што ми се случи…“ До неодамна мислев дека припаѓам на првата група, бидејќи, што би можело да тргне наопаку? Секогаш имам направено добар план, ги имам резервирано сите карти однапред, уште три месеци пред патувањето имам истражено каде служат најдобра храна и кои знаменитости задолжително мора да се видат. Илјада пати ги проверувам рецензиите за сместувањето пред да го резервирам и загрижувачки многу пати им додевам на домаќините за да се уверам дека сè ќе биде подготвено за моето доаѓање.

И потоа, отидов во Милано

А Милано, очигледно, имаше други планови. Уште кога ми пишаа сопствениците на сместувањето дека имаат проблем со клима-уредот, па мора да нè преместат во друг апартман, знаев дека ова нема да биде релаксирано патување. Новиот апартман беше многу поубав, па не се загрижив многу, иако анксиозноста почнуваше да ме јаде. Но кога ми стигна порака и дека летот е одложен, е, тогаш веќе знаев дека патувањето е осудено на пропаст. Мисли позитивно, си велев, но не можев да се ослободам од чувството дека уште нешто ќе тргне наопаку.

По цел ден подготовки, пакување, проверување билети, резервации и временска прогноза, конечно пристигнавме. Во глава веќе го имав испланирано остатокот од вечерта: ќе се сместиме, ќе се истушираме ќе прошетаме малку, ќе најдеме некое мало италијанско ресторанче и ќе наздравиме со гооолема чаша хуго шприц.

Само што… останавме на клупа во парк!

Мама миа!

Дали сте знаеле дека Италијанците ја користат фразата „мама миа“ за да изразат повеќе различни емоции? Во зависност од ситуацијата „мама миа“ може да значи неколку работи, а јас ги преживеав сите нејзини семантички слоеви:

1. Шок – „Мама миа, каде е клучот?!“ Кога видов дека шифрата за кутијата со клучот од апартманот функционира, а внатре нема клуч, апсолутно се шокирав.

2. Фрустрација – „Мама миа, каква несериозност!“ Не ми се веруваше дека е возможно некои луѓе да се толку неодговорни и да заборавиле да го остават клучот за нивните гости!


Поврзани објави

3. Стрес или страв – „Мама миа, што ако останеме на улица?!“ Почнав да се загрижувам дека сето ова е една голема измама и дека ќе останеме без сместување, иако сè беше веќе платено.

4. Олеснување – „Мама миа, сè излезе како што треба“ Хотел за преноќување најдовме, утредента домаќините ни оставија клуч од резервираниот апартман, а Booking ни рефундираше пари за едно ноќевање.

Во вакви ситуации сфаќаш колку брзо човек ги менува приоритетите. Во еден момент барав каде ја служат најдобрата карбонара во градот, а веќе во следниот, единственото нешто што ми беше важно е да најдам кревет.

За среќа, нашата авантура имаше среќен крај

Следните денови Милано беше токму таков каков што го замислував. Величествениот Дуомо, тесни улички, мирис на еспресо наутро, Навиљи навечер, фантастичен концерт, сладолед што исчезнува уште пред да успееш да го фотографираш и илјадници направени чекори кои не ги ни чувствуваш.

И покрај сите овие прекрасни искуства, кога се вратив дома, речиси никој не ме праша каква била катедралата. Сите сакаа да ја слушнат приказната за првата вечер. А токму тоа е магијата на патувањата! Никој не ги памети деновите кога сè било совршено. Ги паметиме деновите кога сме се изгубиле, кога сме го пропуштиле автобусот, кога ненадејно заврналo, кога сме се смееле од паника и кога, многу подоцна, сме сфатиле дека токму тие мигови се нашите омилени спомени.

Социјалните мрежи нè убедија дека совршеното патување изгледа како разгледница. Секое кафе е во фотогенично кафуле, секој агол е како од филм, а секој ден завршува со совршено зајдисонце. Реалноста е поинаква. Малку хаос, малку импровизација, неколку длабоки воздишки, многу смеење и барем една приказна што ќе се прераскажува со години. И тоа навистина вреди. Зашто, кога фотографиите ќе избледат, кога ќе се заборави вкусот на пицата и кога магнетот на фрижидерот ќе стане само уште еден обичен сувенир, останува тоа што никој не можел да го испланира – приказната.

Пишува: Марија Лукаревска