Шест банки од Македонија се најдоа на најновата листа на 100 најголеми банкарски институции во Југоисточна Европа, изработена врз основа на вкупната актива на крајот од 2025 година. Три од нив се пласирани меѓу првите 50, а најголем напредок бележи НЛБ Банка.
Според рангирањето SEE TOP 100, најдобро позиционирана е Комерцијална банка, која го задржала 41. место. Нејзината актива достигнала 3,13 милијарди евра, што претставува годишен раст од 7,79 проценти. Нето-добивката се зголемила од 80,1 на 82,6 милиони евра.
Стопанска банка Скопје напредувала за две позиции и сега се наоѓа на 47. место, со актива од 2,55 милијарди евра. Годишниот раст изнесува 9,11 проценти, но нето-добивката бележи намалување од 57,7 на 54,3 милиони евра.
На 48. позиција е НЛБ Банка, која направила најголем скок меѓу македонските банки, од 51. на 48. место. Нејзината актива пораснала за 19,58 проценти и достигнала 2,55 милијарди евра, додека нето-добивката се зголемила од 53,6 на 79,3 милиони евра.
На листата се најдоа и уште три домашни банки. Халк банка го задржала 56. место со актива од 2,09 милијарди евра, додека Шпаркасе банка е на 62. позиција, со актива од 1,91 милијарда евра. ПроКредит банка напредувала од 96. на 94. место, со актива од 918 милиони евра.
На врвот на регионалното рангирање е романската Banca Transilvania, со актива од 41,27 милијарди евра. Второто место го зазема Banca Comerciala Romana, а третото хрватската Zagrebacka Banka.
Романија има најмногу банки меѓу првите 50 – вкупно 12, пред Бугарија со девет и Србија со осум. На целокупната листа од 100 институции, Македонија е претставена со шест банки.