Специјалниот пратеник на Кина за Блискиот Исток, Џаи Џун, за време на разговорите во Техеран со заменик-секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Али Багери Кани, изјави дека Кина е подготвена дополнително да ги продлабочи односите со Иран, соопшти денеска кинеското Министерство за надворешни работи.
Средбата се одржа во рамки на дипломатската турнеја на Џаи овој месец, кога тој ги посетува Иран, Оман и Саудиска Арабија како дел од засилените напори на Пекинг за деескалација на тензиите на Блискиот Исток. Кинескиот специјален пратеник истакна дека е неопходно „да се стави акцент на политичките решенија, да се пристапи со рационален и прагматични дух и да се поттикне што е можно поскоро обновување на стабилноста и развојот во регионот“.
Напорите на Пекинг ги потврди и кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, кој на одделни средби со претставници на националната безбедност на Иран и Саудиска Арабија ги повика сите вклучени страни да се фокусираат на дипломатија наместо на употреба на оружје. Претходно и кинескиот претседател Си Џинпинг изјави дека Пекинг е подготвен да соработува и со африканските земји за ублажување на глобалните последици од конфликтот на Блискиот Исток.
Извор: МИА