Table of Contents
Два дена по крвавиот напад во историскиот центар на Краков, Полска, почина и 24-годишниот маж осомничен за пукањето во кое животот го загубија шест лица, а уште 15 беа повредени. Тој беше ранет во престрелка со полицијата и по неколку операции беше пренесен во болница, каде што лекарите се бореа за неговиот живот.
Полициските власти во понеделникот потврдија дека напаѓачот им подлегнал на повредите. Трагедијата, сепак, доби уште пострашни размери откако истражителите открија дека во семејниот дом на осомничениот биле пронајдени уште три безживотни тела – на неговите родители и на 21-годишната сестра.
Напад среде туристичкиот центар на Краков
Пукањето се случило во саботата, 7 ноември, околу 15 часот, на главниот плоштад во Краков – една од најпосетуваните локации во вториот по големина град во Полска.
🚨 🇵🇱 💀
Michał O., the murderer who killed 6 people in Kraków as well as 3 members of his own family, has died in the hospital. https://t.co/0wq0FHsqrT— Based Poland 🇵🇱 (@Poland_Based) November 9, 2026
Според досегашните информации, 24-годишниот Полјак пристигнал со автомобил, облечен во облека налик на воена опрема и вооружен со автоматско оружје. Отворил оган врз луѓето во прометниот дел од градот, пред полицијата да интервенира и да го рани.
Меѓу шесте загинати има четири жени и двајца мажи. Четворица од нив биле полски државјани, додека другите две жртви биле од Велика Британија и Австрија.
Во домот биле пронајдени и неговите најблиски
По пукањето, полицијата го пребарала и семејниот дом на осомничениот, во градот Островјец Швјентокшиски, североисточно од Краков. Таму биле откриени телата на три лица – неговите родители, на возраст од 53 и 52 години, и неговата 21-годишна сестра.
Според првичните наоди, тие имале повреди од огнено оружје. Истражителите проверуваат дали истиот човек е одговорен и за нивната смрт, а околностите на убиствата се предмет на посебна истрага.
Надлежните соопштија дека 24-годишникот имал дозвола за поседување оружје. Во текот на истрагата биле пронајдени и повеќе парчиња оружје и муниција.
Се истражува можен екстремистички мотив
Полските власти соопштија дека осомничениот имал радикални, ултранационалистички ставови и бил фасциниран од крајнодесничарски идеологии. Обвинителството го истражува нападот како можно терористичко дело, но засега не е утврдено дали мажот бил поврзан со некоја организирана екстремистичка група.
Меѓу повредените има и странски државјани од Велика Британија, Австрија, Германија, Португалија и Русија. Двајца полицајци се здобиле со сериозни повреди додека се обидувале да го запрат напаѓачот.
Двајца хирурзи им помогнале на повредените пред да пристигне брзата помош
Во моментот на нападот, во близина на плоштадот случајно се нашле двајца хирурзи. Кога ги слушнале истрелите и сфатиле што се случува, веднаш се упатиле кон повредените за да им помогнат.
Еден од лекарите за Би-би-си раскажал дека не чекале да пристигнат медицинските екипи, туку веднаш започнале со укажување помош.
Решивме да им помогнеме на жртвите што е можно побрзо. Истрчавме во областа каде што се случуваше пукањето и почнавме да спасуваме, бидејќи сè уште немаше амбулантни возила ниту други професионални екипи“, изјавил хирургот.
Неговиот колега успеал да го запре крвавењето на тешко повреден полицаец, со што, според сведоштвото, веројатно му го спасил животот.
Паника на плоштадот, Полска во дводневна жалост
Очевидци за британските медиуми раскажале дека по првите истрели настанала паника. Луѓето почнале да бегаат во потрага по засолниште, а дел од нив се скриле во околните објекти и хотели.
Еден сведок раскажал дека се наоѓал во ресторан за брза храна кога ги слушнал истрелите. Кога погледнал надвор, видел луѓе како трчаат и се обидуваат да се засолнат. Подоцна, кога се упатил кон плоштадот, ги забележал медицинските екипи и телата на жртвите.
По трагедијата, во Полска беше прогласена дводневна национална жалост. На главниот плоштад во Краков граѓаните оставија цвеќе и запалија свеќи во чест на загинатите, додека земјата се соочува со шокот од еден од најтешките вакви напади во поновата историја.
Фото: Х