Почетна ЕкономијаДо 20 ноември аплицирање за студентска стипендија, МОН ќе додели вкупно 3000 по нов модел на распределба на средствата

До 20 ноември аплицирање за студентска стипендија, МОН ќе додели вкупно 3000 по нов модел на распределба на средствата

од nenad
2 минути читај за

До 20 ноември студентите може да аплицираат за студентска стипендија за академската 2026/2027. Пријавувањето на конкурсот што го објави МОН е исклучиво електронски, преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk

Вкупниот број стипендии останува непроменет од лани (3000), но МОН годинава воведе нов модел на стипендирање, со нови категории и поинаква распределба на средствата.

– Промената не е во намалување на поддршката, туку во нејзино подобро насочување и пошироко препознавање на потребите и потенцијалите на студентите. Се воведува значајно унапредување на досегашниот модел на студентско стипендирање. Новиот модел носи поинаков пристап во распределбата на државната поддршка – пристап кој истовремено ја препознава социјалната ранливост, го вреднува академскиот успех и го поттикнува образованието на кадар во области од стратешко значење за државата, соопшти МОН.

Во категоријата 1200 стипендии за социјална поддршка, првпат се воведуваат посебни стипендии за студенти со попреченост и студенти со ретки болести, со по 50 стипендии за секоја од овие категории.

-Со ова, Министерството прави значаен чекор кон поинклузивно образование и создавање еднакви можности за студентите, препознавајќи ги нивните специфични потреби и поддржувајќи го нивното право на образование и академски развој, наведе МОН во објавениот конкурс, нагласувајќи дека со него поставува основа за посовремен и понасочен систем на студентско стипендирање.

Се воведува и нова категорија од 1050 стратешки стипендии, наменети за студенти кои студираат во области од особено значење за идниот развој на државата. Изборот на студиските програми е утврден со одлука од 3 ноември 2026 година на Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност, со која се определени студиските програми од стратешки интерес за државата. Станува збор за студиските програми по математика, физика, хемија, земјоделство, шумарство, наставна биологија и рударство.

Дополнително, се воведуваат и 750 стипендии за студенти кои постигнуваат висок академски успех, односно имаат просечен успех од најмалку 8,50 и континуирано ги исполнуваат академските обврски. На овој начин, посочува МОН, Министерството дополнително го вреднува знаењето, посветеноста и трудот на студентите што постигнуваат особени резултати во текот на студирањето.

За стратешките стипендии месечниот износ е 18.000 денари, а за социјалните стипендии и стипендиите за висок академски успех износот е 6.050 денари. Стипендиите се исплаќаат во текот на девет месеци од студиската година.

Покрај ова, во тек е и пријавувањето на уште два конкурса за академската 2026/2027 година – за доделување 15 стипендии за студенти запишани во прва година на студиски програми по македонски јазик и за поврат на средства за купен музички инструмент.
Извор: МИА