Во Скопје попладнево беснее остар ветар, предизвикувајќи прекин на електричната енергија во одредени области од градот. Според сознанијата од Центарот за управување со кризи, регистрирани се два големи пожари.
Едниот пожар е активен на Скопска Црна Гора, меѓу селата Црешево и Брњарци, како и меѓу населените места Крушопек и Лока, но и на други локации. Директорот на ЦУК за МИА изјави дека се очекува слабеење на интензитетот на ветрот за да може да се испратат воздухоплови за справување со пожарите. „Се чека да се намали силината на ветрот за да се испратат воздухоплови за гаснење на овие пожари“, рече тој. Моќниот ветар исто така причини и материјална штета.
Досегашните информации укажуваат дека во невремето нема регистрирано повредени лица.
Во Чаир, Ѓорче Петров, на булеварот Партизански одреди во близина на бензинската пумпа на Окта, забележани се паднати покриви од објекти, како и урнати дрвја, скршени гранки и превртени контејнери.
Од ЦУК известуваат дека надлежните единици внимателно ја надгледуваат состојбата и се во континуирана координација со сите релевантни служби на терен.
Апелираат до жителите кои претрпеле материјални загуби или забележат потенцијални опасности, веднаш да се обратат на телефонскиот број за итни случаи 112.