Силна приказна за семејството, љубовта, загубата и сите неизговорени зборови ќе ја донесе на скопската сцена актерот Марко Јанкетиќ, во мултимедијалната монодрама што на 25 ноември ќе гостува во Националната опера и балет.
Постојат приказни што нè насмевнуваат, други што нè тераат да се замислиме, а некои допираат до најдлабоките емоции и остануваат во нас долго откако ќе заврши последната сцена. Токму такво театарско доживување ветува претставата „Мрки, нисам ти испричао“, која на 25 ноември за првпат ќе биде изведена пред македонската публика.
Во среда, со почеток во 20 часот, сцената на НУ Национална опера и балет во Скопје ќе биде домаќин на мултимедијалната монодрама чиј носител е српскиот актер Марко Јанкетиќ.
Станува збор за авторска претстава посветена на неговиот татко, легендарниот актер Миша Јанкетиќ, низ која личните спомени, хуморот, музиката и силните емоции се претвораат во искрено сценско патување.
Приказна за љубовта, сеќавањата и зборовите што никогаш не биле кажани „Мрки, нисам ти испричао“ не е само театарска претстава, туку и интимна исповед за семејните врски, љубовта и загубата. Преку лични приказни и сеќавања, Марко Јанкетиќ ја доближува до публиката својата емотивна приказна за таткото, отворајќи теми во кои лесно може да се препознае секој од нас.
Претставата носи и една универзална порака: колку многу зборови, чувства и спомени понекогаш остануваат неискажани меѓу најблиските. Токму затоа оваа приказна истовремено ќе ве насмее, ќе ве трогне и ќе ве поттикне да размислите за сопствените семејни спомени.
Режијата е на познатата српска актерка Анѓелка Стевиќ Жугиќ, а мултимедијалниот концепт, надополнет со музика во живо, ги обединува актерската игра, музиката и визуелниот израз во уникатно сценско доживување.
Театарски успех што пристигнува и пред скопската публика Успехот на претставата веќе е потврден со повеќе распродадени сали во Србија и Црна Гора, како и со одличните реакции од публиката и медиумите. Сега и македонската публика ќе има можност да ја проследи оваа емотивна монодрама и да стане дел од катарзично патување низ сеќавањата, кое ги надминува границите на сцената.
Кога и каде? Претставата „Мрки, нисам ти испричао“ ќе се одржи на 25 ноември 2026 година (среда), со почеток во 20 часот, во НУ Национална опера и балет – Скопје.
Текст и фото: ПР