Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Гоце Димовски, денеска во Ашафенбург, Германија, оствари средба со менаџментот на компанијата Џојсон Сејфти Системс, која е присутна и во Македонија со своите производствени капацитети во ТИРЗ Кичево.
На средбата, како што соопшти Дирекцијата за ТИРЗ, биле разгледани досегашната соработка, тековните активности на компанијата и можностите за нејзин понатамошен развој. Посебно внимание било посветено на перспективите за продлабочување на партнерството и потенцијалите за проширување на инвестицијата во ТИРЗ Кичево.
Димовски истакнал дека присуството на глобални компании како Џојсон Сејфти Системс има значајна улога во развојот националната економија, посочувајќи дека долгорочната соработка со постојните инвеститори е подеднакво важна како и привлекувањето нови инвестиции, особено во контекст на создавањето услови за технолошки напредок и отворање нови можности за економски раст.
Од Дирекцијата за ТИРЗ посочуваат дека средбата е дел од активниот дијалог на Дирекцијата за ТИРЗ со постојните странски инвеститори, со цел навремено препознавање на нивните развојни потреби и градење стабилни партнерства кои ќе придонесат за долгорочен и конкурентен развој. дма/са/
Фото: Дирекција за ТИРЗ