Почетна Убавина и здравјеВладо Јовановски и Марија Кондовска во емотивен спот за Македонија! – Убавина и здравје

Владо Јовановски и Марија Кондовска во емотивен спот за Македонија! – Убавина и здравје

од nenad
2 минути читај за

Пејачот Давид Темелков вчера (2 ноември) ја промовираше видеоприказната за песната „Дом“, со која настапи на 41. издание на фестивалот „Макфест“ во Штип. Емотивниот спот, во кој главните улоги ги толкуваат актерите Владо Јовановски и Марија Кондовска, предизвика силни реакции кај присутните, кои по проекцијата го наградија со громогласен аплауз.

Темелков не само што ја испеа песната, туку стои и зад целокупната авторска приказна. Тој ги потпишува музиката, текстот и аранжманот, но и сценариото и режијата на видеоспотот. „Дом“ носи силна порака за сите оние кои ја напуштиле родната земја, за носталгијата, копнежот и нераскинливата врска со местото од кое потекнуваме.

„Сакав да снимам со домашни актери, со најдоброто од Македонија. Тие се подобри од холивудските актери“, рече Темелков пред премиерното прикажување на спотот.

Владо Јовановски откри дека соработката започнала кога Темелков му се јавил од странство и му ја претставил својата идеја. Актерот не го криеше воодушевувањето од песната и талентот на пејачот.

„Кога ја слушнав песната, знаев дека ова ќе биде голем хит. Давид е комплетен автор, од текстот, музиката и аранжманот до режијата на спотот. Ние со Марија сме по едно камче во големиот мозаик“, рече Јовановски.


Поврзани објави

Тој упати и силна порака до младите кои размислуваат да ја напуштат Македонија, нагласувајќи дека заминувањето не треба да значи и заборавање на корените.

„Би сакал оваа песна да ги потсети младите кои сакаат да заминат: нека одат, нека видат како е, нека се вратат и нека донесат нешто добро во оваа наша земја. Кога ќе заминеме, да знаеме каде и кому треба да се вратиме“, порача актерот.

И Марија Кондовска со убави зборови зборуваше за искуството од снимањето, откривајќи дека е особено воодушевена од музичкиот талент и личноста на Темелков.

„Волшепство се случува кога тој пее. Исклучителен глас, исклучително племенита душа. Многу сум среќна што бев дел од овој процес“, рече Кондовска.

Продуценти на проектот се Давид Темелков и Зоран Швигир – Швиги. Миксот и мастерингот се реализирани во хрватското студио „Шишмиш“, додека придружните вокали ги отпеаја Сузана Бранковиќ и Јелена Ѓуриќ од белградското студио „Пегарт“.

Со „Дом“, Темелков испрати порака која ги надминува музичките граници – дека колку и да сме далеку од родната земја, постои нешто што секогаш нè поврзува со неа.