Американскиот претседател Доналд Трамп во објава на „Truth Social“ ги коментираше насилните протести што за време на викендот ја зафатија Франција и ги повика француските власти да ги затворат границите и да ја преземат контролата врз ситуацијата.
– Франција гори! Имиграцијата на луѓе од сосема поинаков свет, луѓе со омраза во срцата, ја уништи таа некогаш голема земја. Затворете ги границите и преземете контрола, пред да биде предоцна!, напиша Трамп.
Неговата реакција доаѓа откако протестите – првично поттикнати од високите трошоци за живот и лошата состојба на јавните услуги – прераснаа во насилни немири во неколку француски градови.
Властите проценуваат дека синоќа во протестите учествувале околу 550.000 луѓе, додека организаторите тврдат дека бројката е поблиску до 800.000.
Според француските медиуми, најмалку 1.800 лица се уапсени за време на судирите со полицијата, а повредени се повеќе од 500 полицајци, жандарми и пожарникари.
Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека вечерва ќе и се обрати на нацијата во врска со ескалацијата на насилството.