Петмина јавни обвинители се натпреваруваат за раководната позиција во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), откако на актуелниот шеф Ислам Абази му истекува мандатот. Кандидатите ги презентираа своите програми пред Советот на јавните обвинители, а конечниот избор е закажан за 28 октомври.
Во трката се Фатон Азизи и Искра Хаџи Василева од ОЈО ГОКК, Трајче Пеливанов и Јован Цветановски од Вишото јавно обвинителство Скопје, како и Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје. За новиот шеф ќе одлучуваат јавните обвинители од целата држава, преку непосредно и тајно гласање. Право на глас имаат 188 обвинители.
Иако секој од кандидатите ги претстави сопствените приоритети, во нивните програми се издвојуваат неколку заеднички теми: поефикасни истраги за висока корупција и организиран криминал, посилни финансиски истраги, одземање незаконски стекнат имот, дигитализација и зајакнување на кадровските и истражните капацитети.
Фатон Азизи најави дека ќе се заложи за поефикасна работа на истражниот центар, поактивно постапување по предметите поврзани со лицата опфатени со меѓународни црни листи и засилена борба против перењето пари. Посебно ги издвои ризиците поврзани со градежниот сектор, криптовалутите и другите форми на финансиски криминал.
Трајче Пеливанов, кој претходно работел во Специјалното јавно обвинителство, порача дека успешноста на институцијата не треба да се оценува само според бројот на отворени истраги и поднесени обвиненија. Според него, клучни се темелно истражените случаи, правосилните и одржливи судски одлуки и враќањето на незаконски стекнатиот имот.
Тој се заложи финансиските истраги да започнуваат паралелно со кривичните постапки, како и за јакнење на истражниот центар и ангажирање стручни финансиски кадри. Нагласи дека обвинителството треба да дејствува самостојно и законито, без надворешни влијанија и непотребен сензационализам.
Лидија Раичевиќ, која и претходно се кандидирала за оваа функција, оцени дека на обвинителството му се потребни поголема стручност и проактивност во откривањето на криминалот. Според неа, обвинителите не треба да се потпираат единствено на случаите што ги открива полицијата, туку и самите треба да ја следат структурата на криминалот и активно да учествуваат во неговото откривање. Меѓу приоритетите ги посочи дигитализацијата, подобрувањето на работните методи и поефикасната институционална соработка.
Искра Хаџи Василева ја темели својата програма на поефикасно и навремено постапување, засилени финансиски истраги, конфискација на имот и максимално искористување на истражниот центар. Таа најави и кадровско доекипирање, дигитализација и поголема транспарентност, оценувајќи дека тие се важни за враќање и зајакнување на јавната доверба.
Хаџи Василева ја посочи и можноста за поширока примена на спогодувањето во соодветни предмети, како начин за скратување на постапките и растоварување на судовите. Во однос на дигитализацијата, таа ја спомена и вештачката интелигенција како алатка што може да помогне во транскрипцијата на говор, преводот на документи и обработката на големи количества податоци.
Јован Цветановски во фокусот ги стави истрагите за висока корупција и перење пари, решавањето на старите предмети и зајакнувањето на истражниот центар. Тој смета дека е потребна поинтензивна соработка со Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и другите надлежни институции, вклучително и преку заеднички тимови и дигитализирање на доказниот материјал.
Цветановски се заложи финансиските истраги да се водат паралелно со кривичните уште од почетокот на постапките за висока корупција, со цел навремено да се открие и обезбеди незаконски стекнатиот имот. Тој нагласи и дека притворот треба да се применува само кога се исполнети законските услови, а во другите случаи да се користат соодветните алтернативни мерки.
Изборната постапка е започната поради истекувањето на мандатот на Ислам Абази, кој беше избран за шеф на ОЈО ГОКК во октомври 2022 година. За спроведување на изборот Советот на јавните обвинители формираше комисија во состав Ермон Незири, Светлана Стојковиќ и Кети Петкова.
Кој од петтемина кандидати ќе го преземе раководењето со обвинителството ќе се знае по гласањето на 28 октомври.