Почетна Убавина и здравјеПријателот на Тоше Проески со болна порака на денот на неговиот последен концерт – Убавина и здравје

Пријателот на Тоше Проески со болна порака на денот на неговиот последен концерт – Убавина и здравје

од nenad
1 минути читај за

Датумот 5 октомври и денес буди силни емоции кај сите оние кои го сакаа и почитуваа Тоше Проески. На овој ден во 2007 година, македонската музичка ѕвезда го одржа својот последен голем концерт на Градскиот стадион во Скопје, само 11 дена пред трагично да го загуби животот.

Неговиот долгогодишен пријател од детството, Стерули Штерјоски, со години активно го чува споменот за Тоше, а по повод годишнината од неговиот последен концерт се огласи со емотивна порака. Тој потсети и на концертите што три години по ред се одржуваа во Крушево, пред Спомен-куќата на Тоше, со цел 5 октомври да продолжи да се одбележува преку неговата музика.

Првиот концерт бил организиран во 2022 година, а во него учествувале Камерниот оркестар, членовите на бендот на Тоше, како и бројни познати музичари од Македонија и регионот. Штерјоски вели дека овие вечери не биле само музички настани, туку начин да се зачуваат ликот, делото и наследството на човекот кој остави неизбришлива трага.

Сепак, годинава концертот не се одржа, а Штерјоски не го криеше своето разочарување.


Поврзани објави

„А денес, 5 октомври 2026 година – тишина. Нема концерт. Нема продолжување на традицијата“, напиша тој, додавајќи дека не им било дозволено да продолжат со она што го започнале со многу љубов и труд.

„Жал ми е… не затоа што нешто сме изгубиле ние, туку затоа што Крушево и Тоше заслужуваа ова да продолжи“, порача Штерјоски.

И покрај разочарувањето, тој ја заврши својата порака со зборови кои можеби најдобро го опишуваат трајното наследство на македонската музичка легенда: „Тоше останува. Неговата песна останува.“

Тоше Проески трагично загина на 16 октомври 2007 година, на 26-годишна возраст, само 11 дена по својот последен голем концерт во Скопје. Неговата музика и споменот за него и денес продолжуваат да живеат.