Актерот раскажа за необичната посветеност на Александар Џамбазов кон неговата сопруга и за моментите кои дури по нивната смрт добиле ново значење.
Игор Џамбазов со години зборува за својата мајка Анче и татко му Александар со посебна емоција. Нивната љубовна приказна, како што открива актерот, не завршила со смртта на Анче – напротив, спомените и она што останало зад неа со години го потсетувале Александар на жената со која го поминал животот.
Анче починала во 1997 година, на само 55 години. Игор раскажал дека неговиот татко тешко ја поднел загубата и дека никогаш не сакал друга жена покрај себе. Дури и кога синот еднаш се обидел да му предложи друштво за одење во опера, Александар категорично ја одбил идејата.
За мене постои само мајка ти Анче“, бил одговорот што, според Игор, никогаш не го заборавил.
Но, вистинската семејна архива на оваа љубов била откриена дури по смртта на Александар во 2022 година. Игор и неговата сестра Тања додека ги разгледувале неговите работи наишле на кутија полна со писма. Во неа имало околу 500 писма што Анче му ги испраќала на Александар додека тој бил во војска.
Игор тогаш открил дека размислува токму од тие писма да создаде книга – спомен што би ја зачувал приказната за нивната љубов и за времето кога двајцата биле разделени.
Поврзани објави
Посветеноста на Александар кон Анче се гледала и во нејзините последни денови. Додека актерката била на Онкологија, тој практично престојувал во болницата за да биде постојано покрај неа. Според зборовите на Игор, татко му имал креветче во близина и таму спиел и живеел додека таа се борела со болеста.
Игор често зборувал и за мајка си како жена која голем дел од својата енергија и време им го посветила на децата. Подоцна дознал и колку ја ценеле нејзините колеги и луѓето со кои работела.
На 30 септември, датумот кој за семејството Џамбазови носи двојна емоција, Игор повторно се врати во минатото. Објави стара фотографија од свадбата на своите родители и потсети дека на истиот датум се спојуваат нивната свадбена радост и неговата болка по мајка му.
29 години без мојата Анче… 64 години од нивната свадба. На истиов датум, ем најголема радост, ем бескрајна тага. Животиште…“, напиша Џамбазов.
Screenshot socijalni mrezi