Новата функција ги избира најдобрите делови од снимките и автоматски прави прва верзија на Reels, која потоа корисникот може дополнително да ја уредува.
Instagram воведе нова функција наречена First Draft, наменета за сите кои често објавуваат Reels. Наместо сами да ги прегледуваат и скратуваат снимките, корисниците можат да изберат неколку видеа, а апликацијата ќе подготви почетна монтажа.
Алатката автоматски ги издвојува интересните делови од материјалот, ги скратува непотребните паузи и ги поврзува снимките во една целина. Така, наместо да започнуваат од нула, креаторите веднаш добиваат основа врз која можат да работат.
Сепак, конечната одлука останува кај корисникот. Секој дел од автоматски креираниот нацрт може повторно да се преместува, скратува или менува пред видеото да биде објавено.
Од Instagram очекуваат функцијата особено да им биде корисна на креаторите кои снимаат видеа во кои зборуваат директно пред камера. Наместо времето да го трошат на отстранување тишина и непотребни делови, тие можат побрзо да се посветат на содржината.
First Draft засега се појавува кај корисниците на iOS, додека верзијата за Android се очекува во наредниот период. До функцијата може да се стигне преку Reels галеријата или Instagram камерата.
Printskrin instagram