Банката за развој при Советот на Европа (ЦЕБ) претставува долгогодишен и значаен партнер на државава во реализацијата на проекти насочени кон унапредување на образованието, социјалната инфраструктура и поддршката на микро, малите и средните претпријатија.
Акцентот на соработката е насочен кон реализација на проекти кои носат опипливи придобивки за граѓаните и придонесуваат за економскиот прогрес. Ова беше потврдено на денешната средба помеѓу министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, и Томаш Бочек, заменик-гувернер на Банката за развој при Советот на Европа (ЦЕБ). На средбата се дискутираше за напредокот на тековните проекти и за идните насоки на соработка.
“Продолжуваме да го зајакнуваме партнерството со ЦЕБ, насочувајќи ја поддршката кон проекти што придонесуваат за подобри јавни услуги, поквалитетно образование и економски развој,” истакна министерката Димитриеска-Кочоска.
ЦЕБ е активна во земјава од 1997 година и досега одобрила кредити за 10 проекти во јавниот сектор, со вкупна вредност од 314 милиони евра. Банката, исто така, обезбедила значајна поддршка преку инвестициски грантови и грантови за техничка помош при подготовка на проекти.
Придобивките од поддршката се насочени кон социјалната инфраструктура и интеграција, вклучувајќи сектори како здравство, образование, правосудство и социјално домување, како и кон поттикнување на микро, малите и средните претпријатија.
Како што информираат од Министерството за финансии, на средбата беше прегледана реализацијата на актуелните проекти. Меѓу нив се издвојува дополнителното финансирање, преку заем и грантови во износ од 24,1 милиони евра, наменето за изградба, надзор и опремување на 30 спортски сали во основните училишта, како и за реконструкција на основни и средни училишта.
Оваа поддршка е продолжение на успешно завршен проект, во рамки на кој беа изградени и опремени 70 спортски објекти во основните училишта, а реконструирани 90 основни и средни училишта. Соработката со ЦЕБ вклучува и кредитна линија од 50 милиони евра, реализирана преку Развојната банка, за поддршка на креирањето работни места во микро, малите и средните претпријатија.
Посебен фокус на средбата беше ставен на проекти кои се во фаза на подготовка за следниот период. Меѓу нив се издвојуваат проектите за комплетирање на изградбата на објектите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при УКИМ.
Во поглед на идната соработка, значајно место зазема проектот за основна дигитална инфраструктура, чија цел е унапредување на дигиталната инфраструктура и поддршка на процесот на дигитална трансформација. На средбата беше изразена цврста определба за продолжување и продлабочување на соработката меѓу Министерството за финансии и ЦЕБ, со цел ефикасна реализација на тековните проекти и обезбедување поддршка за нови инвестиции од клучно значење за економскиот и социјалниот развој на државата.
вј/са/
Фото: Министерство за финансии
Извор: МИА