Пејачката Дијана Јанковиќ, позната како Диди Џеј, отворено проговори за тешкиот здравствен период низ кој минува од почетокот на годинава, откако во јануари ѝ бил дијагностициран ПОТС – синдром на постурална ортостатска тахикардија.
По неколку месеци исполнети со сериозни ограничувања и неможност нормално да функционира, пејачката конечно сподели охрабрувачки вести со своите следбеници. Таа откри дека, благодарение на терапијата и лекарскиот тим кој се грижел за неа, повеќе го нема ПОТС, иако сè уште закрепнува од последиците.
„За сите што прашуваат за моето здравје – благодарение на моите неверојатни лекари повеќе го немам ПОТС. Ми остана уште мала дисаутономија, што значи дека сè уште не можам да трчам, да вежбам или долго да одам како порано, но полека му се враќам на бизнисот и за неколку месеци ќе ми се врати полната енергија. Сè уште сум на посебна исхрана и одам на терапии“, откри Диди.
Таа призна дека периодот зад неа бил еден од најтешките во нејзиниот живот, особено затоа што со месеци била врзана за кревет и целосно зависела од одморот и терапиите.
Во тие тешки моменти, нејзината ќерка постојано била покрај неа, а пејачката вели дека токму можноста повторно да работи и да патува ѝ претставува огромна радост.
„За некој што помина низ вистински пекол, среќна сум што Бог ми даде можност повторно да работам и да патувам“, порача таа.
Диди Џеј воедно апелираше јавноста да се информира повеќе за ПОТС и за симптомите кои ги предизвикува, со цел луѓето кои се соочуваат со слични проблеми полесно да го препознаат и да побараат соодветна медицинска помош.