Европскиот парламент денеска изгласа пакет финансиски мерки за Украина, кој вклучува заем од Европската унија во висина од 90 милијарди евра за периодот 2026-2027 година. Исто така, усвоени се измени во механизмот на ЕУ за Украина и амандман на повеќегодишната финансиска рамка за 2021-2027 година. Овие измени овозможуваат буџетската резерва на ЕУ да послужи како гаранција за заемот и за покривање на обврските за сервисирање на долгот.
Заемот за Украина беше одобрен со 458 гласа „за“, 140 „против“ и 44 воздржани. Измените во механизмот за Украина добија поддршка од 473 пратеници, додека 140 гласаа „против“ и 32 беа воздржани.
Амандманот на повеќегодишната финансиска рамка беше усвоен со 490 гласа „за“, 130 „против“ и 32 воздржани.
Овој пакет е дел од поширока соработка меѓу 25 земји-членки и има за цел да обезбеди предвидлива, непрекината и приспособлива финансиска поддршка за Киев, во услови на континуирана агресија од страна на Русија и зголемени потреби за обнова и одбрана.
Со денес усвоената регулатива се воведува „Заем за поддршка на Украина“ за 2026-2027 година. Средствата ќе бидат обезбедени преку задолжување на Европската комисија на пазарите на капитал.
Заемот ќе има ограничено право на регрес и ќе биде доспеан по исполнување на одредени услови, вклучувајќи примање на репарации од Русија од страна на Украина или доколку се утврдат прекршувања поврзани со измами или корупција.
Средствата ќе бидат насочени по повеќе канали: како буџетска поддршка преку макрофинансиска помош, како и за зајакнување на капацитетите на украинската одбранбена индустрија.
Во рамките на макрофинансиската помош, Комисијата ќе спроведе преговори со украинските власти за Меморандум за разбирање. Овој документ ќе содржи конкретни услови за реформи, кои ќе вклучуваат зајакнување на собирањето приходи, подобрување на управувањето со јавните финансии и мерки против корупцијата.
Поддршката за одбраната вклучува итни и значајни јавни инвестиции за модернизација на украинската одбранбена технолошка и индустриска база, како и за поинтензивна интеграција со европската одбранбена индустрија.
Регулативата прецизира и детализирани критериуми за подобност за производители и подизведувачи. Овие критериуми ги вклучуваат условите за основање во ЕУ, Европската економска зона или Украина, ограничувањата за учество на трети земји и правилата за заштита на чувствителни и класифицирани информации.
Украина ќе мора да отвори посебна сметка за управување со средствата наменети за одбранбена поддршка и да доставува месечни извештаи за извршените плаќања.
Европската комисија ќе има надзорни и контролни права, а Европскиот парламент и Советот ќе бидат редовно информирани за напредокот во имплементацијата.
Финансирањето на заемот ќе се обезбеди преку диверзифицирана стратегија за задолжување. Трошоците за опслужување на долгот потенцијално ќе ги покрие буџетот на ЕУ, преку посебен инструмент кој ќе биде надвор од лимитите на повеќегодишната финансиска рамка.
Предлогот, исто така, предвидува можност Унијата да ги искористи замрзнатите руски средства во ЕУ за отплата на заемот, во целосна согласност со законодавството на ЕУ и меѓународното право.