Почетна ЕкономијаТрипуноска: Туризмот во фокусот на „Марили бизнис форумот 2025“, а годинава 13 менаџерки со статуетката „Жена водилка“

Трипуноска: Туризмот во фокусот на „Марили бизнис форумот 2025“, а годинава 13 менаџерки со статуетката „Жена водилка“

од nenad
3 минути читај за

Темата на 4. регионален „Марили бизнис форум“ 2025, што ќе се одржи в сабота, на 17 мај, во Скопје, е туризмот како важен елемент за стопански раст и конкурентност во државата и регионот.

Бизнис форумот вклучува три панел-сесии: „Алтернативни форми на туризам – Рурален развој и одржливост на дестинации како фактори за локален развој“, „Хотелско-туристичка индустрија – Можности, трендови и предизвици“ и „Ено – гастро концепт, автентичен и современ начин на развој на туризмот“.

Генералната директорка на „Марили“, Лидија Трипуноска, која го организира Форумот, за МИА изјави дека модераторите и учесниците во дискусиите ќе бидат од познати и докажани македонски и регионални компании. Тие, за време на панелите, ќе се обидат да дадат одговори на многу прашања и да предложат нови идеи и решенија.

„Вовед во сесиите ќе биде анализата на вицегувернерката Ана Митреска, на тема „Улогата и пристапот до финансирање на малите и средни претпријатија во македонската економија““, најави Трипуноска.

Посетители на Форумот ќе бидат и членките на Марили бизнис клубот, составен од најуспешните жени-менаџери кои биле дел од наградените лауреати во изминатите 28 години. “Тие даваат поддршка на сите проекти на „Марили“, независно дали станува збор за едукативни или за хуманитарни проекти. Соработуваат, се вмрежуваат и го поддржуваат јакнењето на лидерството”, информира Трипуноска.

Агенцијата „Марили“, истиот ден, на 17 мај, традиционално, по 29. пат ќе ја организира и манифестацијата „Избор на најуспешни жени“, во чии рамки ќе ги награди најуспешните жени-менаџери од земјата и регионот. За лауреати ќе бидат избрани 13 менаџерки кои оставиле значаен белег со својата работа и посветеност. Од нив 11 се од Македонија, една е од Србија и една е од Хрватска, а сите ќе добијат статуетка „Жена водилка“.

“Целта на манифестацијата, покрај ревијалниот карактер, е поттик за идните млади генерации, особено девојки, да се охрабрат, да веруваат во себе и со знаење, постојано надградување и чесност да чекорат низ сите животни предизвици и да успеваат на сите полиња”, вели Трипуноска и додава: “Манифестацијата години наназад претставува јакнење на женското претприемништво и лидерство, особено во застапеноста на жените на лидерските и одлучувачките позиции, нешто на што треба континуирано да се работи. Нивната борба за родова рамноправност во општеството и бизнисот треба да им биде водилка низ животот, тие треба да бидат пример и поттик за генерациите што доаѓаат”.

Годинашни лауреати се Анита Атанасовска – генерален менаџер на „Супериор Лукс“ Скопје, Стевка Василева – генерален менаџер на ПЗУ „Д-р Александар и д-р Методи Белушкови“ Радовиш, Дафинка Ивановска – извршен менаџер и Рубинов директор во „тианДе“ Ревитал Козметикс“ Скопје, Оливера Клинчарова – претседател на Одбор на директори во „Делта ИНС Брокер АД Скопје“, Даниела Михајловска – генерален менаџер во „Дајмонд Дентал и Естетик Центар“ Скопје и Гостивар, Елена Лотеска Наумовска – генерален менаџер во „Брод Армада“ Охрид, Маја Петаноска – бренд менаџер и косопственик на ДПТУ „ДЕРМАЕСТЕТИКА“ ДОО Скопје, Ирена Миновска-Пехливанова – стратегиски менаџер во „Авто-Мото Сојуз на Македонија“ (АМСМ), Арзијана Фејзи – менаџер за правни работи во „Рамацоти Фуд“ Гостивар, Јанинка Чупаркоска – генерален менаџер во „КОЖУВЧАНКА“ ДОО Кавадарци, Јана Манева-Чупоска – визуелен уметник и претседател на ДЛУМ, Барбара Оленик Станичиќ – директор на Сектор за човечки ресурси во „Јадран“ д.д, Цриквеница, Хрватска, како и Слободанка Цока Стевиќ – генерален менаџер и сопственик на ТА „Кондор ТИС“ од Лозница, Србија.

Манифестацијата „Избор на најуспешни жени“, преку својот Марили бизнис клуб, обединува над 150 жени менаџери кои соработуваат, се поврзуваат и организираат хуманитарни настани, но и ги охрабруваат младите девојки и жени да влезат и да се реализираат во бизнис сферата.