Во светот на технологијата, тајмингот е сè. Кога во 2019 година, далеку пред глобалната хистерија за Chat GPT, Валентина Тасева започна со пионерскиот проект за АИ сертификација, Македонија се појави како неочекувана светла точка на мапата на Microsoft. Додека светот сè уште се прашуваше ‘што е ова’, таа веќе градеше армија од сертифицирани професионалци.
Денес, како генерална директорка на Семос Едукација, таа гледа нова, поопасна фаза на хоризонтот: феноменот Bring Your Own AI, каде неконтролираната употреба на алгоритми носи правни и безбедносни ризици за компаниите. Во ова интервју, Тасева ја деконструира иднината на пазарот на труд и нуди прецизна рамка: како да се преживее транзицијата од страв до стратешка предност во 2026 година?
Светот зборува за „skills’ gap“, а Македонија го живее тој проблем секој ден. Кои се вештините што реално ќе ја дефинираат работната сила во 2026–2030?
Да зборуваме за следните 5 години е премногу, значи дека премногу очекуваме дека денес знаеме што ќе се случува. Но да зборуваме за следните 2 години мислам дека е сосема реално, за 2026-та и 2027-ма. Постои податок дека глобално ќе се отворат 190 милиони нови позиции, а околу 92 милиони ќе згаснат. Тоа значи дека АИ е можност, а не закана. Нема да ве замени, но ако не знаете да ја користите правилно, сигурно ќе заостанете зад останатите.
Што се однесува до професиите, дигиталната безбедност ќе биде дефинитивно клучна. Зошто? Поради феноменот Bring Your Own AI. Кога вработените користат приватни ChatGPT налози на работа, потенцијалот за истекување на компаниски, финансиски или лични податоци е огромен. Затоа, оваа примена на безбедноста е апсолутен приоритет. Следната група професии што ќе бидат интензивно барани се оние поврзани со податоци: Data Analyst, Data Scientist, Data Engineer. Вештачката интелигенција учи од податоци – ако тие се средени, ќе добиете релевантни одговори; во спротивно, резултатите нема да бидат точни. Тука се и Prompt инженерите – не оние што користат АИ како Google 2.0 за приватни потреби, туку за зголемување на продуктивноста. Четвртата група се Machine Learning инженерите, оние што ја создаваат технологијата, а не само што ја користат.
Генерално, сите професии ќе бидат дополнети или променети од АИ. Апсолутно се согласувам дека доаѓа т.н. Agentic World. Професиите што ќе изумрат се оние што лесно можат да се заменат со агент – оние со повторливи задачи, како call-центрите, каде што се користи генерално знаење или репетитивна вештина.
Каква стратегија треба да имаат компаниите за да усвојат и имплементираат вештачка интелигенција? Kако да го скратиме времето меѓу потребата од нови вештини и стекнување на истите? Има ли алатки кои се достапни и добри пракси што може да ги следиме?
Годинава ја покренавме иницијативата AI-NSI (National Skilling Initiative). Имавме околу 8.000 посетители на вебинари, што укажува на висока свест, но кога зборуваме за конкретно стекнато знаење, бројките се поинакви. Од вкупно 11.300 луѓе кои посетиле обуки оваа година, само околу 1.000 поминале конкретна АИ обука, при што најпопуларна била AI во Office.
За споредба со Исланд, земја со 300-400 илјади жители, дури 60.000 луѓе се обучени за основни дигитални вештини и АИ писменост. Во Англија, таа бројка достигна 7 милиони уште во јули. Ова покажува дека мораме да го надминеме нивото на „промптирање за забава“ и да се фокусираме на продуктивност.
Што се однесува до компаниите, денес постојат четири фази на зрелост:
- Фаза на игнорирање: кога ниту компанијата ниту вработените не ги интересира АИ. Сметам дека како држава, благодарение на добрата техничка инфраструктура, оваа фаза веќе ја надминуваме.
- Bring Your Own AI (Ризична фаза): ова е прилично опасна фаза каде вработените користат приватни ChatGPT налози на своите телефони, а компанијата нема увид ниту стратегија. Ризиците се реални, познат е случајот со Air Canada која изгуби судски спор поради грешка на нивниот чет-бот.
- Меѓу-фаза: вработените имаат одредени знаења, компанијата презема некои чекори. Веројатно повеќето македонски компании се движат токму овде, помеѓу втората и третата фаза.
- Стратешка фаза: компанијата има јасна стратегија за имплементација, а вработените се едуцираат насочено.
Заклучокот е дека основната АИ писменост мора да биде координирана на национално ниво преку државата, асоцијациите и тренинг центрите, додека примената за конкретна продуктивност треба да се развива внатре, во рамки на самите компании.
Каква е иднината на тимовите и каква рамка за усвојување на вештачка интелигенција во работните организации сметате дека најпродуктивна и најефикасна?
Стопроцентно сум убедена дека ако порано беше доволно да сте професионалец во една област, денес едноставно морате да поседувате проширени вештини. Не е доволно да сте само регрутер во HR или само програмер. Важно е да се разбере: учењето на АИ алатки за програмирање нема да ве направи програмер преку ноќ, ако ја немате основната логика.
Морате првенствено да ја поседувате основната вештина, било да сте дизајнер, data scientist или финансиски експерт, за да можете потоа врз неа да ја надградите и применувате вештачката интелигенција. Мојата порака е јасна: Останете професионалци во тоа што сте, но апсолутно надградете го своето знаење со АИ во вашата област, вклучително и вештините за prompting.
Од аспект на компаниите, ме радува што фокусот се поместува. Веќе не се зборува само за вештини, туку се прашува за стратегија како и од каде да почнеме?. За таа цел, развивме т.н. AI Assessment рамка (проценка на компанијата), која содржи 50 прашања поделени во пет клучни сегменти:
- Визија и цели: првото прашање е дали вашата АИ имплементација е усогласена со вашите бизнис цели. Кога ќе ги издвоите вашите три главни деловни приоритети, лесно ќе увидите дали и каде АИ има свое место во нивното остварување.
- Податоци: дали имате податоци кои се подготвени?. Можеме да воведеме АИ агент за регрутација да ја врши работата наместо нас, но ако немаме база на квалитетни CV-ја (кратки биографии) од која тој ќе учи, процесот е невозможен. Мора да имате средени податоци.
- Технологија: дали сте технолошки подготвени и дали вашите податоци се соодветно заштитени.
- Луѓе и тимови: ова е критична точка. Ако вработените немаат основна АИ писменост и не знаат целно да ја користат алатката за потребите на компанијата, правилното воведување ќе биде исклучително тешко.
- Бизнис процеси: идентификација на процесите кои треба да се опфатат.
Оваа рамка веќе активно се применува. Иако сите пет сегменти се битни, сметам дека првата (визијата) и четвртата компонента (тимот) се најважните фактори за успех.