Засладените и алкохолните напивки се абсурдно евтини поради ниските давачки, што директно доведува до зголемување на случаите на дебелина, дијабетес и други заболувања. Ова особено ги погодува најмладите, предупредува Светската здравствена организација (СЗО).
Организацијата силно препорачува воведување или зголемување на даноците на ваквите пијалаци. Со ова, цените би се зголемиле, намалувајќи ја нивната потрошувачка, а истовремено би се генерирале дополнителни средства за финансирање на здравствениот систем.
Според анализите на СЗО, 116 држави низ светот веќе применуваат даноци на безалкохолни и други засладени пијалаци. Сепак, значителен број на продукти со високо ниво на шеќер, како што се 100% овошни сокови, засладени млечни пијалаци, како и готовите кафе и чај, остануваат ослободени од овие обврски.
„Даноците на здравјето претставуваат една од најсилните алатки со кои располагаме за унапредување на здравјето и превенирање на болестите“, нагласи генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
СЗО исто така укажува дека најмалку 25 земји, претежно во Европа, вклучувајќи ја и Германија, немаат воведено посебни акцизи за виното.
За разлика од виното, високоалкохолните пијалаци како овошни ракии, коњак, вотка или виски подлежат на данок на алкохол, додека пивото се третира со специфичен данок.
Консумацијата на алкохол носи сериозни ризици, вклучувајќи заболувања, насилство и повреди, предупредува Етиен Круг, еден од директорите на СЗО.
„Додека индустријата профитира, јавноста често ги плаќа здравствените последици, а општеството ги сноси економските трошоци“, заклучи Круг.
јт/Фото: Пиксабеј
Извор: МИА