Почетна ЕкономијаИнтервју со Д-р Катерина Бошевска, генерална директорка на ЕОС Матрикс Македонија и Косово

Интервју со Д-р Катерина Бошевска, генерална директорка на ЕОС Матрикс Македонија и Косово

од nenad
6 минути читај за

Со ревитализација на нефункционалните побарувања обезбедени со недвижности ќе придонесеме за поголем економски развој

 ЕОС Матрикс е две декади на македонскиот пазар и за целиот овој период воведувате иновативни финансиски решенија што им помагаат и на компаниите и на граѓаните. Едно од нив е управувањето со нефункционалните побарувања кои се обезбедени со недвижности. Кажете ни нешто повеќе за потенцијалот на овој финансиски инструмент.

Бошевска: Ние во ЕОС континуирано креираме решенија за управување со побарувањата и на корпоративниот сектор и на физичките лица. Искуството и знаењето што го имаме ние во ЕОС Матрикс благодарение и на припадноста на поголема групација, која е присутна на повеќе од 20 пазари, ни овозможи да веруваме во регенеративната сила на корпоративниот сектор, кој со соодветната стратегија и механизми може да се опорави и да продолжи да придонесува кон зајакнување на економијата.

Водени од ваквиот став, она на што активно ќе работиме во следниот период се корпоративните нефункционални пласмани обезбедени со недвижности. Според нашите анализи, постојат капацитети кои се заглавени во лавиринтите на наплата на нашиот систем, и притоа губат вредност, а со тоа губиме сите. Внесувајќи ја нашата експертиза во овој домен, ќе овозможиме нивно ревитализирање и искористување. Намерата е со примена на нашите инструменти да ги трансформираме недвижностите кои претставуваат обезбедување за доспеан долг и да ги направиме привлечни за нови инвестиции, односно тие да добијат нова вредност и да се вратат на пазарот. Ова има големо позитивно влијание за целокупната економија и за раздвижување на финансискиот пазар, така што ползата од примената на ваквите финансиски инструменти е повеќекратна и поширока. Дополнително, ваквиот недвижен имот со процесот на трансформација ги подобрува и своите еколошки перформанси, напуштените и неискористени објекти „оживуваат“ и добиваат нов изглед и фукнција со што се влијае позитивно и на заштитата на животната средина.

Како дел од Групацијата ЕОС, ние имаме и голема експертиза за овој сегмент, која ја применуваме на нашиот пазар и со тоа придонесуваме за растот на економијата. Имено, ЕОС групацијата има портфолио на инвестиции во недвижности на повеќе пазари во Европската унија во вредност од 510 милиони евра. Регионот Источна Европа во нашата Групација бележи најсилни перформанси оваа година во споредба со регионите Централна Европа и Западна Европа. Сметам дека потенцијалот кој го идентификувавме на нашиот локален пазар може да донесе многу корисности за сите засегнати страни. Вакво придвижување на нашиот пазар е многу потребно.

 Можете ли да ни посочите некој пример од Вашето искуство кој го потврдува ова?

Да. Можам да посочам на еден исклучително интересен објект-локал, деловен простор во Охрид, во строгиот центар веднаш спроти полициската станица, кој беше обезбедување на едно побарување во исклучително тешка и заплеткана ситуација од кое ниедна страна не можеше да има некаква корист. Ние моравме да го преземеме, да станеме сопственици на истиот, затоа што побарувањето не можеше да се затвори од страна на должникот со зачувување на сопственоста, па взаемно се договоривме со преземањето-купувањето на објектот ние да го затвориме побарувањето кај нас. Со тоа успеавме да го ослободиме нашиот корисник од своето долгување, но истовремено создадовме и можност. Со дополнително инвестирање во објектот го направивме атрактивен за инвестирање и создадовме нова бизнис можност за некој потенцијален инвеститор. Сега тој објект е во процес на активна продажба, среден, со уредна документација и бараме заинтересиран купувач. Сите детали можете подетално да ги видите на нашата веб страница mk.eos-solutions.com каде уредно ги огласуваме сите локали и објекти кои се на продажба од страна на ЕОS Матрих.

Каков е степенот на развој на секундарниот финансиски пазар кај нас и што би значело неговото понатамошно унапредување?

Бошевска: Нашата економија има потреба од понатамошен развој на секундарниот финансиски пазар за трансакции со нефункционални пласмани, односно пазарот за пренос на доспеани побарувања, особено во сегментот на пренос, односно продажба на нефункционални побарувања од банкарскиот сектор кон специјализираните компании кои инвестираат во оваа област, каква што е ЕОС Матрикс. Во нашата земја, ЕОС Матрикс е единствена специјализирана компанија за професионално управување со побарувањата. Веднаш да појаснам, тоа не е случајно. Да се работи оваа работа бара многу вложувања, многу искуство и длабоко познавање на околностите на локалниот пазар. Токму тоа и се предусловите за развој на секундарниот финансиски пазар. Од една страна треба стабилен и сигурен партнер – компанија како ЕОS Матрикс, но од друга страна потребен е и потенцијал на пазарот. Нашите податоци покажуваат дека износот на отпишани побарувања од страна на банкарскиот сектор во последните 7 години изнесува приближно 350 милиони евра. Оваа бројка ја отсликува големината на неискористениот потенцијал на домашниот секундарен финансиски пазар. Така што, постои голем простор за понатамошен развој на оваа област.

Што се однесува до придобивките, развиениот длабок и ликвиден секундарен пазар ќе придонесе кон зајакнување на економијата и ќе помогне кон целокупното приближување на земјата кон практиките на Европската унија и кон успешна хармонизација со постоечките директиви кои веќе наоѓаат своја примена во земјите на ЕУ. Управувањето со нефункционални побарувања е од големо значење за финансискиот сектор и за целокупната економија, бидејќи може да понуди солуција за населението и за бизнисите во проблеми и да отвори можности за развој на бизнисот, но и да го поттикне економскиот развој.

Практично, она што ЕОС Матрикс го прави со своите активности е одржување на рамнотежа во ликвидноста, која мора да постои на финансискиот пазар. Обезбедувајќи долготрајни, взаемни решенија и за нашите клиенти и за нашите корисници, делуваме на двете страни и се трудиме да ја држиме ситуацијата врамнотежена. Тоа го постигнуваме не само со нашите механизми за управување со „лошите“ пласмани  туку и со постојана и континуирана едукација за важноста од навремено плаќање на задолжувањата, информирано носење на финансиски одлуки, како и со нашата консултантска и експертска помош во изнаоѓање решенија. На тој начин постигнуваме оптимална хармонија меѓу финансиската состојба и можности на нашите корисници, и можностите и условите на пазарот, што е резултат на нашата анализа и експертиза.

Кои се чекорите што треба да се преземат за да се обезбеди развој на секундарниот финансиски пазар?

Бошевска: На прво место би ја истакнала потребата од промена на свесноста во однос на регенеративната сила на корпоративниот сектор. Компаниите како ЕОС Матрикс можат многу да помогнат во реструктурирање и зацелување на претпријатијата пред да биде предоцна, односно да се вклучиме пред да се отвораат постапки за стечај и ликвидација. За жал, нашиот систем, сѐ уште, тој чекор го гледа како крајно решение за целосна наплата, наместо да се фокусира на можностите за развој.

Ние како компанија гледаме потреба и од донесување неколку измени на постојните закони и носење нови законски решенија за да се овозможи целосна имплементација на решенијата што ги нуди ЕОС, од што системот би имал само полза. Затоа се трудиме да бидеме активни, да укажуваме и да предлагаме измени, бидејќи имаме огромна експертиза во оваа област и одлична покриеност на состојбите, затоа што нашата групација е присутна на повеќе од 20 пазари во Европа. Би го истакнала нашето залагање и ангажман преку Европската бизнис асоцијација, со која во моментов претседаваме како компанија, за измените кон Законот за стечај и носење нов Закон за инсолвентност, што ја потврдува нашата ориентираност кон здрав и стабилен корпоративен сектор.

Понатаму, се залагаме за примена на европските практики за регулирање на микро-финансиските друштва, односно за законско решение за кредитни институции, како и за модернизирање на постојните одредби од старите законски решенија на сила, кои не соодветствуваат на современите трендови и практики, а со кои би се олеснило барем одлучувањето на актерите на финансискиот пазар да пристапат кон нашите услуги и решенијата кои ги нудиме. Доколку успееме да ги реализираме овие активности, ќе можеме да се надеваме на здрав и стабилен секундарен финансиски пазар, со што ќе се поттикне економскиот развој.