Почетна ЕкономијаЕурактив: Корпоративните интереси ги заробиле косовските медиуми

Еурактив: Корпоративните интереси ги заробиле косовските медиуми

од nenad
3 минути читај за

Во време кога медиумите во Косово се повеќе се групираат во рацете на моќни бизнис магнати, цензурирањето на информациите со цел заштита на интересите на сопствениците стана вообичаена појава, истакнува бриселскиот портал „Еурактив“.

Според „Еурактив“, директорите на медиумските куќи во Косово имаат едноставна тактика кога станува збор за негативни вести поврзани со нивните богати газди – тие едноставно не ги објавуваат.

Еден долгогодишен косовски новинар во својата изјава за порталот тврди дека не им било дозволено да известуваат за ништо што би можело да ги загрози интересите или репутацијата на компаниите во сопственост на нивните газди. Според медиумски работници, уредувачките насоки се јасно водени од корпоративните интереси, а не од професионалните новинарски стандарди, а целата структура е креирана за да ги обезбеди деловните интереси на сопствениците.

Според новинарот Агрон Халитај, имало случаи кога новинарите ги имале сите релевантни факти за корупција или злоупотреба на власта, но сепак не известувале за тоа доколку „политичките и економските интереси се премногу тесно поврзани“.
“Самоцензурата стана стратегија за преживување,” изјави Халитај за „Еурактив“.

Во текстот се посочува дека и во Извештајот на ЕУ за владеење на правото за 2025 година, се бара поголема отвореност во однос на медиумската сопственост и посилни гаранции за независност на уредувачката политика на медиумите. Слично, и во Резолуцијата на Европскиот парламент за Косово од февруари годинава се повикува на “поголема транспарентност во медиумската сопственост и финансирање, со цел зајакнување на медиумската независност и плурализам”.

Генералниот секретар на Европската федерација на новинари (ЕФЈ), Рикардо Гутиерез, предупредува на растечка “култура на страв”. “Редакциите мора да имаат уредничка автономија, вклучително и од нивните сопственици. За жал, ова не е случај насекаде,” вели Гутиерез, изразувајќи загриженост дека ограничувањето на слободата и независноста на новинарите станало нормална појава.

Норвешкиот медиумски истражувач со косовско потекло, Абит Хоџа, за „Еурактив“ вели дека забележува алармантни случувања во Косово. “Сопствениците на медиумите немаат интерес да градат независни професионални институции, туку сакаат да влијаат врз политичките случувања преку медиумите.” Од ова, според Хоџа, најмногу страдаат професионалните новинари.

Според „Репортери без граници“, во Косово континуирано расте влијанието на деловните кругови кои се поврзани со политичките елити, што има штетни последици врз независноста на уредувачката политика на медиумите. “Иако медиумскиот пејзаж на Косово изгледа плуралистички на хартија, новинарите зад сцената даваат поинаква слика: цензурата во служба на економските интереси веќе долго време се смета за нешто нормално”, се вели во анализата на „Еурактив“.

Во анализата се наведува дека слободата на медиумите се повеќе е под притисок и дека оваа “демократска регресија е изненадувачка, особено затоа што Косово долго време се сметаше за тест за изградба на држава во Европа. Но, деновите кога Косово важеше за светилник на надеж за демократија на Балканот, сега во голема мера се завршени, што особено е евидентно во медиумскиот сектор.” Во „Светскиот индекс на слободата на печатот 2025“, земјата падна на 99-то место, што е еден од најлошите резултати во Европа, се додава во анализата.

Според порталот, ерозијата на медиумските слободи не само што ја загрозува независноста на медиумите, туку и демократскиот легитимитет на институциите како целина. “Без ефикасни реформи што би го прекинале преплетувањето на медиумските и деловните интереси, вистината ќе биде турната настрана во корист на профитот и на сметка на процесот на пристапување во ЕУ,” заклучува „Еурактив“.

сп/ Фото: МИА Архива.

Извор: МИА