Почетна ЕкономијаВо 2026 на бриселската маса „членство од втор ред“ за новите потенцијални членки и можно „ограничување на ветото“ за кластерите, но не и за затворање…

Во 2026 на бриселската маса „членство од втор ред“ за новите потенцијални членки и можно „ограничување на ветото“ за кластерите, но не и за затворање…

од nenad
7 минути читај за

По започнувањето на руската агресија врз Украина во февруари 2022 година, се создаде впечаток дека Европската Унија го менува својот пристап кон процесот на проширување. Ова беше поттикнато од сфаќањето дека доделувањето перспектива за членство на земјите аспиранти претставува стратешки потег за пополнување на геополитичкиот вакуум во близина на Унијата и за создавање одбранбен бедем против руското влијание.

Ваквиот нов импулс за проширување не само што ги забрза процесите за пристапување на Грузија, Молдавија и Украина, туку исто така го реанимираше застојот во пристапните преговори на земјите од Западен Балкан. Ова доведе до идејата за прием на нови членки до 2030 година, концепт што првпат го промовираше поранешниот претседател на Европскиот совет, Шарл Мишел, во август 2023 година. Од тогаш, оваа амбициозна цел стана реторика на ЕУ и дополнително го поттикна проширувањето.

Сепак, во услови на непрестајната војна во Украина, засилените руски хибридни закани и променетите политички насоки од Вашингтон, декларираната посветеност кон проширувањето брзо покажа знаци на попуштање. Британскиот тинк-тенк „Бројхел“ истакнува дека политиката на ЕУ за проширување сè повеќе станува зависна од внатрешните политички динамики во одредени земји членки, што може да доведе до застој на процесот, особено имајќи ја предвид потребата од едногласност при носењето одлуки за напредок во секоја фаза.

Во пристапните преговори постојат над 150 точки каде што земја членка на ЕУ може да го искористи правото на вето за блокирање на напредокот на земја кандидат. Четири потенцијални членки на ЕУ особено станаа жртви на овој механизам. Северна Македонија речиси 15 години беше блокирана од Грција, која инсистираше на промена на името на земјата. Оваа пречка беше надмината со Договорот од Преспа во 2018 година, но во 2020 година, Бугарија го актуелизираше прашањето за наводните бугарски корени на македонскиот народ и јазик, барајќи уставни измени. Според „Бројхел“, иако Северна Македонија е оценета како подготвена да започне со усогласување со правната рамка на ЕУ, Бугарија ги блокира преговорите.

Во меѓувреме, Унгарија го одложува стартот на преговорите со Украина поради прашањата поврзани со статусот на унгарското малцинство во земјата. Дополнителна компликација за кандидатурата на Украина е нејзиниот статус на земја која е во воена состојба. Молдавија, која е неформално поврзана со Украина во процесот на проширување, стана колатерална жртва на унгарското вето. Косово, исто така, е под влијание на ветото, бидејќи сè уште не може да добие формален статус на кандидат за членство поради непризнавање на неговата независност од страна на пет земји членки: Грција, Кипар, Романија, Словачка и Шпанија. Во вакви околности, само две од десетте земји кандидати или потенцијални кандидати – Црна Гора и Албанија – засега имаат реални изгледи за пристапување во ЕУ во наредните години.

Покрај веќе споменатите четири земји, напредокот на останатите се забавува поради домашни политички проблеми. Грузија, по демократските турбуленции во последната година и едностраното замрзнување на пристапниот процес од страна на Тбилиси, се смета само како „земја кандидат на хартија“. Пристапниот процес на Турција е стагниран поради демократско назадување и непочитување на владеењето на правото и човековите права. Босна и Херцеговина е парализирана од политичка криза и неможноста да ги исполни условите за пристапување. Србија, исто така соочена со политичка криза и масовни протести, мора дополнително да постигне напредок во дијалогот за нормализација на односите со Косово, како услов за напредок на европскиот пат.

### Идеи за забрзување на проширувањето

За да се забрза проширувањето на ЕУ, во оптек се две главни идеи, за кои се очекува дебата во 2026 година како можни опции за поттикнување на пристапниот процес и остварување на амбицијата за големо проширување до 2030 година.

Првата идеја, неофицијално наречена „ограничување на ветото“, за која подолго време се говори во кулоарите на ЕУ, јавно ја промовираше претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Според овој предлог, одлуките за започнување и завршување на фазите од преговори би се носеле со квалификувано мнозинство, односно со поддршка од најмалку 55% од земјите членки, кои сочинуваат најмалку 65% од населението на ЕУ. Сепак, за почеток и завршување на преговорите сè уште би била потребна едногласна одлука. Овој предлог се смета за „разумен компромис“, бидејќи им овозможува на земјите членки и понатаму да го користат правото на вето, но истовремено го забрзува преговарачкиот процес. Сепак, постојат толкувања дека овој предлог не е во согласност со Договорот за функционирање на ЕУ, бидејќи проширувањето не дозволува одлучување со квалификувано мнозинство, што би барало менување на договорот, процес кој е сложен и може да бара референдуми во некои земји.

Втората идеја, која многумина ја сметаат за контроверзна и ја нарекуваат „членство од втор ред“, предвидува ограничени права за гласање на новите земји членки. Според овој предлог, новопримените земји не би имале право на вето, што би ги ублажило стравувањата на некои земји членки од зајакнување на „блокирачкото малцинство“. Албанскиот премиер Еди Рама дури предложи Албанија да се откаже од правото на еврокомесар или европратеници за одреден период во замена за членство. Сепак, ваквиот предлог не дава гаранции дека ќе ги намали злоупотребите на правото на вето и би создал „членство во две класи“, кое би било неправедно и би можело да трае долго.

### Проширување базирано на заслуги

Меѓу институциите на ЕУ преовладува ставот дека проширувањето е стратешки важно за безбедноста, стабилноста и економската благосостојба, но дека приемот на нови земји мора да се базира на заслуги и да не зависи од домашните политички случувања во актуелните членки. Некои земји од ЕУ стравуваат од голем трошок и ризик од „прелевање на нестабилност или корупција“, сметајќи дека проширена ЕУ со 30-35 земји би била нефункционална. Затоа, се проценува дека пристапот само на најподготвените кандидати би ги смирил скептиците и би и дал време на ЕУ за спроведување на внатрешни реформи.

Историски, проширувањето и внатрешните реформи се одвивале паралелно, но актуелната геополитика го става ЕУ пред предизвик да балансира меѓу итноста од проширувањето и принципот на одржлива интеграција. Изборните календари на Франција и Германија во 2026 и 2027 година, како и подемот на екстремно десничарските партии, може да фрлат сенка врз напорите за проширување. Со приемот на нови членки се наметнува и прашањето за прераспределба на буџетските средства, при што скептиците стравуваат од сериозен притисок врз буџетот, иако се проценува дека финансиското влијание би било „фискално управливо“.

### Постепена интеграција

Соочена со застојот во пристапниот процес на некои земји кандидати, Европската комисија го промовира моделот на „постепена интеграција“. Овој пристап, воведен со ревизијата на методологијата за проширување во 2020 година, им овозможува на кандидатите постепено да се вклучат во програмите и политиките на ЕУ, додека ги спроведуваат реформите и ги усогласуваат своите закони. Инструменти како Планот за раст на Западен Балкан, Планот за Молдавија или Украинскиот механизам нудат бенефиции од членство уште пред полноправниот прием, како пристап до заедничкиот европски пазар или укинување на роамингот. Сепак, овој пристап ризикува кандидатите да бидат „заглавени во неизвесност“, особено ако се толкува како замена за полноправно членство. Затоа, се бара полноправното членство да биде „ѕвезда водилка“, а ЕУ да го обнови консензусот околу своите обврски за проширувањето и да најде законски начини за забрзување на процесот.

Тинк-тенкот Европски совет за надворешни работи (ECFR) предупредува дека неуспехот на ЕУ да артикулира јасен и навремен план за проширувањето ризикува да ги наруши столбовите на безбедноста, просперитетот и демократијата на Европа, како и кредибилитетот на ЕУ како глобална сила. Неактивноста би создала стратешки вакуум што надворешни сили како Русија, Кина, Турција и земјите од Персискиот Залив се подготвени да го пополнат.

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, оцени дека 2025 година била „многу успешна“ за проширувањето и очекува 2026 година да биде „подобра“, потенцирајќи дека акцијата во следните 12 месеци е клучна за обезбедување на прием на нови земји според планираното. Таа го базира својот оптимизам на фактот дека проширувањето е геополитичко прашање и на „вистинскиот ангажман на некои од земјите кандидати“. Кос смета дека Црна Гора би можела да биде подготвена да стане 28-та членка до 2028 година, Албанија 29-та во 2029 година, а Украина и Молдавија би можеле да ги завршат преговорите до 2028 година и да пристапат до 2030 година.

„Што се однесува до нас, останува заклучокот дека Европскиот совет ја потврдува својата подготвеност, без понатамошни одложувања или дополнителна политичка одлука, да ја свика втората меѓувладина конференција за старт на пристапните преговори по кластери, откако земјата ќе ги спроведе уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот на што се обврза Владата на Зоран Заев“, се наведува во текстот. До крајот на 2026 година, ЕУ сè уште нема да биде поголема, но Кос смета дека ќе биде поблиску до тоа.