Меѓународен конзорциум, предводен од хрватската компанија DALEKOVOD d.d., е утврден како најприфатлив понудувач на тендерската постапка за изградба на 400-киловолтната интерконекција Битола – Елбасан (Компонента 1: Далеководот од ТС Битола 2, преку ТС Охрид, до македонско-албанската граница). Со ова, Македонскиот електропреносен оператор, АД МЕПСО, ја продолжува реализацијата на проектот, откако претходно беше раскинат договорот со претходниот изведувач.
АД МЕПСО денеска соопшти дека изборот е реализиран по меѓународна постапка спроведена преку електронскиот систем за набавки на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), кој беше отворен на 25 април 2025 година, и по темелна анализа на примените понуди. Вкупната вредност на одобрената понуда изнесува 19.696.200,85 евра. По потпишувањето на договорот, ќе стартува изградбата, која се очекува да трае 900 дена (30 месеци), информираат од МЕПСО.
Со овој значаен чекор, компанијата формално го активира проектот кој ќе ја воспостави клучната енергетска врска помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија.
Во своето соопштение, АД МЕПСО нагласува дека целата постапка била спроведена согласно строгите правила за набавки на ЕБРД, што, според нив, гарантира максимална транспарентност и непристрасност.
“Овој избор следува по стратешки неопходната одлука на раководството да го раскине претходниот договор, кој го компромитираше и го одлагаше овој проект. Постапката беше водена строго според меѓународните ФИДИК (FIDIC) стандарди. Со цел заштита на државниот интерес и ефикасност на финансиските средства, АД МЕПСО обезбеди континуитет на инвестицијата: 51,2% од потребната опрема е веќе испорачана од претходниот изведувач. Таа опрема е во сопственост на МЕПСО и ќе биде искористена од страна на новоизбраниот изведувач, со што се избегна финансиска штета за компанијата”, стои во соопштението.
Реализацијата на овој проект, појаснуваат, ќе го затвори единствениот отворен дел во нашиот преносен систем, овозможувајќи целосно комплетирање на регионалниот енергетски Коридор 8 и значително подобрување на напонските услови во југозападниот регион на земјата.
лв/бак/фото: МЕПСО
Извор: МИА