Портпаролката на Европската комисија, Ана-Каиса Итконен, денес изјави дека ЕК внимателно го следи тестирањето на Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ) и не сака да дава коментари за меѓусебните обвинувања меѓу Хрватска и Унгарија.
“Според најновите информации што ми се достапни, тестовите сè уште се во тек. Во контакт сме со земјите-членки, но немам коментар за коментарите на која било страна за овие тестови”, истакна Итконен.
Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, во повеќе наврати ја обвини Хрватска за “воено профитерство” и тврдеше дека ЈАНАФ нема доволен капацитет континуирано да ја снабдува Унгарија со потребната количина на нафта.
ЈАНАФ ги демантираше тие тврдења, истакнувајќи дека хрватскиот нафтовод е подготвен да испорачува доволни количини во Будимпешта и дека стручната ревизија покажала дека нивните цени се во согласност со светските стандарди. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, исто така, ги коментираше изјавите на Сијарто, оценувајќи ги како скандалозни.
Според Итконен, ЈАНАФ може да им помогне на Унгарија и на Словачка да ги диверзифицираат своите резерви и да се ослободат од зависноста од руската нафта. “Тоа е во согласност со целите на „РЕПауерЕУ“ (REPowerEU)”, потенцираше Итконен.
“РЕПауерЕУ” е планот на ЕК од 2022 година, кој е одговор на руската инвазија врз Украина, со цел да се прекине зависноста од руските фосилни горива до 2030 година. ЕК во јуни дополнително предложи постепено да се елиминира увозот на гас и нафта од Русија уште порано, до крајот на 2027 година, така што Европската Унија дефинитивно ќе ја прекине својата зависност од руските фосилни горива.
“Ние остануваме подготвени, како и секогаш, да олесниме каква било дискусија, каков било разговор меѓу нашите земји-членки додека тие, во овој случај, се стремат да го зголемат протокот на нафта преку нафтоводот ЈАНАФ, но нема да коментираме никакви дискусии, спорови или нешто слично помеѓу нашите земји-членки”, заклучи Итконен.
ми/фото: МИА архива .
Извор: МИА