Почетна Економија„Сива зона“: Игра за млади за зголемување на свеста за корупцијата и неетичко однесување

„Сива зона“: Игра за млади за зголемување на свеста за корупцијата и неетичко однесување

од nenad
2 минути читај за

Седум млади студенти од Македонија се автори на едукативната електронска игра „Сива зона“, наменета за средношколци, чија цел е да ја подигне свеста за корупцијата и последиците од неетичките одлуки.

Играчот, како што известуваат од тимот на „Сива зона“, ја презема улогата на матурант, кој се наоѓа на крстопат да одлучи каде ќе го продолжи своето академско образование, откако ќе добие исклучителна можност за стипендија на престижен универзитет во странство, но времето за аплицирање е ограничено.

“За да успее, играчот мора да помине низ серија предизвици и ситуации што ја одразуваат реалноста – подготовка на документи, административни процедури, разговори со институции и полагање на тестови.”

На секој чекор, играчот се соочува со избор: да оди по чесен пат и да вложи напор, или да избере корумпирани практики што на прв поглед изгледаат како побрзо решение. Одлуките што ги носи, го водат играчот низ “сива зона” – област каде границата помеѓу етички исправните постапки и незаконските дејства е нејасна и тешко се разграничува.

Секој избор има последици врз текот на приказната и финалниот исход: добивање на стипендијата на чесен начин, пропуштање на можноста или постигнување на успех преку коруптивни методи што оставаат негативни последици, се објаснува во соопштението.

Играта нуди повеќе сценарија и завршетоци, се нагласува во соопштението, што ја прави постојано интересна и интерактивна, а истовремено поттикнува критичко размислување кај младите за важноста на интегритетот, етичките избори и последиците од корупцијата.

Од тимот се осврнуваат и на целите што сакаат да ги постигнат. “Младите се соочуваат со реални коруптивни ситуации. Се поттикнува критичко размислување, морална проценка и активна рефлексија на одлуките што ги носи секој играч – во процесот на играње на секој играч му се мери интегритет, репутација, време и пари. Се промовираат вредности како интегритет, чесност и отпор кон корупција. Се создава долготраен ресурс што ќе се користи во наставни и неформални едукативни средини”, се додава во соопштението.

Иницијативата е спроведена од страна на седум млади студенти како неформална група, а истата се реализира во рамки на проектот „Иновативно антикорупциско застапување и младинско ангажирање“, што го спроведува Младински совет – Прилеп.

Проектот е дел од програмата за мали грантови на СЕЛДИ што се спроведува во рамки на проектот „Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа: Градење на капацитети за застапување врз база на докази, влијание врз политики и граѓански ангажман (СЕЛДИ.нет)“, финансиран од Европската Унија.

Играта јавно ќе биде достапна од 5 октомври на веб-страницата sivazona.mk. Промоцијата се одржа на 26 септември во Скопје.
бд/аа/Фото: Тим на „Сива зона“ .

Извор: МИА