Почетна ЕкономијаМицкоски: Инвестиции во секое населено место во Брвеница

Мицкоски: Инвестиции во секое населено место во Брвеница

од nenad
2 минути читај за

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денеска ја посети Општина Брвеница. За време на посетата, тој присуствуваше на официјалното отворање на улицата „Коста Рацин“ во населбата Брвеница, како и на една улица во селото Милетино.

Двата проекти за обнова на споменатите улици се финансирани од страна на Владата. Вредноста на првиот проект изнесува 9,211.939 денари, додека вториот е со вредност од 5,425.315 денари. За реализацијата на улицата во Милетино, учествуваше и Општина Брвеница со сума од 11,000.000 денари.

Мицкоски нагласи дека градоначалникот Јовица Илиевски има реализирано над 90 проценти од програмата која ја предвидел пред неговиот избор. “Ние како Влада, во рамките на проектот за финансирање на општините, поддржуваме проекти коишто ги изработи Општина Брвеница и тоа се проекти коишто се проекти за сите граѓани, во сите населени места, без разлика дали се тоа населени места каде што имаме мнозинско македонско население, албанско население, мешано население итн. Мораме да разбереме дека поделбите не носат иднина. Мораме да разбереме дека обединувањето, заедништвото е тоа коешто треба да биде заеднички именител на сите жители овде во Општина Брвеница”, рече премиерот.

Градоначалникот Илиевски истакна дека досега се реализирани 115 проекти. “Во сите население места се реновирани училиштата, изградени мултифункционални игралишта, детски игралишта, автобуски постојки и летниковци. Во Брвеница имаме изградено нов бунар за вода, со што го решиме децениското прашање со водоснабдувањето во Брвеница и Долно Седларце. Имаме поставено 9 000 метри канализација 6 000 метри нова водоводна мрежа, кои се изградени со сопствени средства. Патната инфраструктура до крајот на септември целосно ќе биде околу 90 посто реализирана во сите населени места во Општина Брвеница”, изјави градоначалникот.

На прашање од новинар зошто се поддржува коалициониот партнер Биљал Касами во Тетово кога тој не го поддржува Јовица Илиевски за нов мандат, Мицкоски одговори дека важно е тоа што градоначалникот на Брвеница го поддржуваат сите граѓани. “Ја слушнав таа изјава на Билал Касами, а можам да кажам дека за жал „Вреди“ (Влен) влегува во фолклорот на опозициската ДУИ без потреба. И моја препорака до него е дека етничките поделби и тензии не се алатка за да се привлече внимание во јавноста и да се добијат гласови, туку треба да зборува во Тетово за проектите коишто заедно со поддршка од Владата се направени за сите и за Македонци и за Албанци, и за Турци, и за Роми, за Сррби, за Власи, за Бошњаци за сите. А овде во Брвеница кандидатот на коалицијата „Влен“ треба да зборува за проекти што ќе ги направи за жителите на Брвеница не да гласаат дали е Македонец или Албанец. Тоа е политика на минатиот век. Јас мислам дека таа политика не му носи, предност на никого”, истакна Мицкоски.

Според премиерот, Јовица Илиевски е космополит и ја има поддршката од сите етнички заедници и ќе биде повторно градоначалник во Брвеница.