Членови на Европскиот парламент од Франција, кои припаѓаат на крајната левица и крајната десница, објавија две посебни акции во Европскиот парламент со цел да се изгласа недоверба на Европската комисија предводена од Урсула фон дер Лајен.
Ко-претседателката на групата Левица во Европарламентот, Манон Обри, која е дел од француската екстремно левичарска партија Непокорна Франција (ЛФИ), рече дека започнале со собирање потписи за изгласување недоверба на Еврокомисијата, поради трговските договори со САД и Меркосур, начинот на кој се справуваат со настаните во Појасот Газа и отстапувањето од основните принципи на Европскиот зелен договор.
Во предлогот се тврди дека Комисијата, без потребен мандат, прифатила Договор меѓу ЕУ и САД, кој е “штетен за европските интереси” и покажува “демократски дефицит” со тоа што се обидува да ги исклучи националните парламенти од процесот на ратификација на Договорот со Меркосур, со што ризикува “европските земјоделци и работници да бидат изложени на нелојална конкуренција и да бидат поткопани климатските цели на ЕУ”.
Понатаму, според предлагачите, Европската комисија го занемарува кршењето на меѓународното право од страна на Израел во Газа, каде што “израелската Влада користи глад, уништување на инфраструктурата и неселективни напади, што претставуваат геноцид”. “ЕУ не успеа да го суспендира Договорот меѓу ЕУ и Израел или да воведе санкции, за разлика од мерките преземени против Русија”, се наведува во предлогот.
На Комисијата со иницијативата и се препишува и “неспособност и неподготвеност” да се соочи со социјалните и климатските кризи и “ослабување или напуштање на основните елементи на Зелениот договор”.
Истовремено со овој предлог, лидерката на францускиот десничарски Национален собир, Марин Ле Пен, објави иницијатива за гласање недоверба на Европската комисија поради нејзината вчерашна одлука да му предложи на Советот на ЕУ усвојување на трговскиот договор со Меркосур.
“Европската комисија го одобри Договорот со Меркосур, кој, доколку се спроведе, би имал катастрофални последици по француското земјоделство. Нашите европратеници следната недела ќе поднесат предлог за изгласување недоверба на Урсула фон дер Лајен”, наведе Ле Пен во објава на Икс.
Таа исто така го повика претседателот на Франција, Емануел Макрон “да се обврзе пред францускиот народ дека ќе одбие да го спроведе Договорот, кој е во спротивност со интересите на нашата нација”. “Ова ќе биде момент на вистината за францускиот народ и сите ќе можат да видат кој навистина ги брани нашите земјоделци”, додаде Ле Пен.
Овие најавени иницијативи на француските европратеници во Брисел се гледаат пред се како театар за јавноста во Франција, пред гласањето за доверба на Владата во Париз следната недела и можните предвремени парламентарни избори во земјата.
Овие најави доаѓаат во пресрет на првата пленарна седница на Европарламентот по летните одмори, закажана за следната недела, во чии рамки Фон дер Лајен треба да го одржи традиционалното годишно обраќање пред европратениците познато како “Состојбата на Унијата”.
Овие иницијативи за недоверба следуваат по неуспешниот обид за отстранување на Еврокомисијата предложен од романскиот десничарски европратеник Георге Пипереа, кој не доби поддршка во Европскиот парламент при гласањето во јули оваа година. Се очекува идентичен исход и за евентуалните две нови иницијативи.