Почетна ЕкономијаИзраел размислува за ограничен напад врз иранските нуклеарни локации и покрај откажувањето на Трамп од планот

Израел размислува за ограничен напад врз иранските нуклеарни локации и покрај откажувањето на Трамп од планот

од nenad
1 минути читај за

Израел не ја исклучува можноста за удар врз иранските атомски постројки во следните неколку месеци, и покрај тоа што американскиот претседател Доналд Трамп му рече на премиерот Бенјамин Нетанјаху дека САД во моментот не се подготвени да поддржат таква акција.

Ова го пренесе Тајмс оф Израел, повикувајќи се на израелски службеник и уште две лица кои се информирани за оваа тема.

Израелските официјални лица нагласија дека ќе го спречат Техеран да се стекне со нуклеарно оружје, а Нетанјаху потенцираше дека сите преговори со Иран мора да доведат до целосно укинување на неговата атомска програма.

Американските и иранските преговарачи денес во Рим ќе ја одржат втората рунда од прелиминарните нуклеарни разговори.

Во текот на изминатиот период, Израел и предложи на администрацијата на Трамп серија опции за напад врз објектите на Иран, вклучувајќи и некои со временска рамка до доцна пролет и лето, велат изворите. Плановите подразбираат комбинација од воздушни напади и командоски операции кои се разликуваат по интензитет и би можеле да ја забават способноста на Техеран да ја вооружува својата нуклеарна програма за само неколку месеци или една година или повеќе, велат изворите.

„Њујорк тајмс“ во средата објави дека Трамп му рекол на Нетанјаху на состанокот во Белата куќа претходно овој месец дека Вашингтон сака да им даде приоритет на дипломатските разговори со Техеран и оти не е подготвен да поддржи напад врз нуклеарните постројки на земјата на краток рок. Трамп подоцна негираше дека „се откажал“ од планираните напади.

Сепак, израелските власти сега веруваат дека нивната војска наместо тоа би можела да изврши ограничен напад врз Иран, за кој би била потребна помала поддршка од САД. Таквиот напад би бил значително помал од оние што Израел првично ги предложи. јт/Фото: МИА архива .

Извор: МИА