Почетна ЕкономијаМуртезани: ЕУ силно заинтересирана за нови членки

Муртезани: ЕУ силно заинтересирана за нови членки

од nenad
1 минути читај за

Забележливо е, особено по започнувањето на руската инвазија на Украина, дека ЕУ покажува зголемен интерес за примање нови членки. Ова го истакна денеска во Копенхаген министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, пред отворањето на неформалниот состанок со неговите колеги од 27-те земји членки на ЕУ, како и државите од Западен Балкан, Молдавија, Турција и Украина.

„Европа е многу позаинтересирана, особено со постепената интеграција, за што правиме се што можеме“, нагласи Муртезани.

Тој додаде: „Она што треба да го направиме сега е да се осигураме дека напорите што ги вложуваме ќе дадат резултат што е можно поскоро. Сметам дека до 2030 година сите земји кандидатки од Западен Балкан можат да бидат членки на ЕУ.“

Според неговите зборови, денешниот собир во Копенхаген претставува повеќе од обичен состанок; тој претставува сигнал дека земјите аспиранти за членство не се изоставени, туку учествуваат рамноправно со државите членки на ЕУ. „Тоа е вистинскиот дух на процесот на проширување“, подвлече Муртезани.

Министерот исто така потенцираше дека мотото на собирот, „Од Копенхаген, преку Копенхаген, до Копенхаген“, повторно ја подвлекува пораката дека постои единствен патоказ и збир на критериуми за пристапување во ЕУ – Копенхашките критериуми.

„Поради неколкуте политички пречки Северна Македонија чека предолго, но ние сме посветени на нашата европска иднина и се обидуваме да ја обезбедиме“, заклучи Муртезани.

сп/са/Фото: принтскрин .

Извор: МИА