Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, по денешното отворање на понудите од конкурсот за нов мобилен оператор, на кој единствен учесник е „ОНЕ Македонија телекомуникации“, истакна дека конкурентноста е корисна и очекува намалување на цените во мобилната телефонија.
“Апсолутно, конкуренцијата е здрава работа и мора да има конкуренција.”
Во врска со потенцијалниот влез на трет мобилен оператор во земјата, Николоски изјави: “Јас во една прилика кажав, дали ќе влезе или не трет мобилен оператор во државава, еве влегува, зависи само од постојните два оператори.”
Тој додаде: “За жал во овие година и нешто ништо не направија ниту да ги подобрат услугите ниту да ги намалат цените,” одговарајќи на новинарско прашање пред денешната средба со раководството на Стопанската комора.
Николоски нагласи дека изборот на нов оператор е независен процес на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), и дека постапката ќе продолжи по завршувањето на изборите. “Драго ми е дека има интерес.”
Тој исто така истакна: “Од прв ден кога бев избран на функцијата кажав дека на македонскиот пазар има дуопол помеѓу двата мобилини опеатори и тоа е факт кога ќе видите поделба на пазарот 51 и 49. Се е јасно, во однос на квалитетот и на цените мислам дека граѓаните доволно кажуваат, така што конкуренцијата е здрава и добра.”
Од АЕК изјавија дека имаат одредени ограничувања поврзани со изборите, но дека процедурата ќе продолжи по нивното завршување. “Согласно тендерските правила веќе на крајот на следната година треба да работи новиот оператор, што значи дека му се дава една година да се опреми, со базни станици, итн, и веќе во следната година ќе можеме да имаме мобилни телефони и со трет оператор во државата,” изјави Николоски.
„Оне Македонија телекомуникации“, компанија на унгарската „Фор-ај-џи“ достави понуда на тендерот на АЕК за доделување одобренија за нов мрежен оператор откако во декември лани поднесе документи до регулаторното тело и изрази интерес за влез на македонскиот пазар како трет мобилен оператор.
Комисијата за спроведување на тендерот денеска на отворањето на понудите во АЕК констатираше дека ги доставиле сите документи и најави евалуација и подготовка на извештај до директорот на АЕК за конечна одлука.
„Три заинтересирани страни подигнаа тендерска документација, но официјално доставена е само понуда од еден понудувач. Сите документи од понудувачот се доставени. Ќе се продолжи согласно законот. Следува евалуација на документацијата, по што ќе се изготви извештај до директорот на АЕК, со предлог што да се направи како следен чекор. Бидејќи има само еден понудувач нема да се оди со чекорот јавно наддавање. Тука би требало да заврши процесот и доколку е се во ред би требало да се донесе позитивна одлука за влез на пазарот,“ рече Игор Бојаџиев, претседател на Комисијата.
Според условите на тендерот, потенцијалниот нов мобилен оператор во државата треба да започне со работа до крајот на 2026 година.
Заклучно со првиот квартал од годинава, во државата се регистрирани 1.941.996 активни претплатници во мобилната телефонија. Најголем удел имаат двата мрежни оператори, А1 Македонија со 47,69 проценти и Македонски Телеком со 46,66 проценти.
М-ТЕЛ, виртуелниот мобилен оператор кој влезе на пазарот во октомври 2022 година, има удел од 3,38 проценти, Телекабел 1,34 проценти, Мтелмобајл 0,38 проценти и Греен мобиле 0,10 проценти.
Во приходите од обезбедување мобилни комуникациски услуги (малопродажно ниво) во првите три месеци од годинава, Македонски Телеком има удел од 49,77 проценти, а А1 Македонија 47,71 процент.
лв/са/фото: МИА архива
Извор: МИА