За сите ученици во основните и средните училишта ќе бидат обезбедени учебници.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денес изјави дека најголемиот дел од нив, односно 90 проценти, веќе се распределени во училиштата, додека преостанатите 10 проценти ќе бидат доставени во текот на првата недела од новата учебна година.
Јаневска, која денес беше во Кавадарци заедно со премиерот Христијан Мицкоски, изрази уверување дека дилемата околу обезбедувањето учебници од оваа година треба да се стави точка. “Оваа година на големо задоволство на Владата, но на поголемо задоволство на учениците, учителите, наставниците, родителите… ќе има учебници по сите предмети од прво до деветто одделение и од први до четврти клас за сите ученици. Во средното стручно лани имавме стотина печатени, оваа година имаме педесетина печатени нови наслови и дополнително педесетина поставени на веб-страниците за да можат учениците да учат. Јас на оваа тема оваа година би и ставила крај”, истакна Јаневска.
Таа додаде дека учебници ќе има и за странските јазици за сите одделенија. “Иако во изминатите седум години имаше проблеми со учебници, па не можеа на никој начин да обезбедат странски учебници, странски учебници ќе има по сите јазици за сите ученици. Со волјата, со упорна работа, со макотрпна работа, со еден многу комплициран процес, со нов закон, со ново системско решение, со каталошки цени ние покажавме дека може и оттука натаму од следната година дискусија за имање, немање учебници нема потреба веќе да има затоа што во 21 век да дискутираме дали има или нема учебници е срамота. Срамот не е наш, срамот е на претходните кои го раководеле овој сектор, и на претходната Влада. Од сега натаму мислам дека ова прашање е затворено”, потенцираше министерката.
Јаневска нагласи дека голем број, односно 90 проценти од учебниците се веќе испорачани, а преостанатите 10 проценти ќе бидат доставени во текот на првата седмица од учебната година. “И денеска се доставуваат учебници. Најверојатно ќе има учебници што ќе се достават и во првата недела на учебната година. Меѓутоа тоа е затворено прашање. Секаде ќе стигнат. И во најодалеченото место. И 30 и 50 километри, планински училишта, до сите подрачни училишта”, заклучи Јаневска.
Новата учебна година за сите ученици започнува во понеделник, на 1 септември.
Извор: МИА