Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, изјавува дека се продолжува со силна поддршка за унапредување на земјоделството, при што особен фокус се става на младите фармери.
“Како Министерство работиме во делот на модернизација на земјоделството, веќе се објавени низа јавни повици кои што значат стимулација на македонските земјоделци.”
Покрај вообичаените ИПАРД објави за набавка на механизација, преку државните програми беа објавени низа јавни конкурси, нагласи министерот Цветан Трипуновски, во интервју за „Newsmax Balkans“.
Според информациите од МЗШВ, министерот посочи дека еден од највпечатливите конкурси е т.н. мерка 50-50, со која Министерството финансиски учествува во набавката на модерна земјоделска механизација.
“Првиот јавен повик од националните програми кој го објавивме е во делот за набавка на механизација, тоа е познатата мерка меѓу земјоделците како 50-50, каде што кофинансираме набавка на модерна механизација”, објасни министерот.
Дополнително, спроведени се и повици за приклучна механизација, како и за набавка на современи системи за заштита на земјоделските производи од климатските промени.
“Тука би сакал да го споменам и јавниот повик за инвестиции за набавка на опрема за производство на храна од животинско и неживотинско потекло, тоа е за малите семејни бизниси. Во овој јавен повик се и инвестициите за производство на вино и алкохолни пијалоци од помал обем. Значи преку овие јавни повици даваме финансиски средства за набавка на опрема и машини кои што ќе значат модернизација и подобрување на постојните капацитети”, рече министерот Трипуновски.
Тој соопшти дека на јавниот повик за млади земјоделци пристигнале 254 пријави, од кои се одобрени 117. Подвлече дека ова е само една од мерките кои досега се реализирани, а во наредната година ќе бидат објавени и нови програми наменети за младите фармери.
“Клучот на иднината во земјоделското производство во Македонија, регионот и во светот е внесување на свежа енергија, односно млади луѓе кои што ќе започнат да се занимаваат со земјоделство”, заклучи Трипуновски.
лв/вј/фото: МЗШВ