Почетна Убавина и здравје„Промената е бавна, но не е безнадежна“ – Убавина и здравје

„Промената е бавна, но не е безнадежна“ – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

Разговор со Жаклина Андоноска, професионален возач на автобус

Жаклина ја има наследено љубовта кон возењето од татко ѝ и отсекогаш сакала да стане возач на автобус, но долги години работела во текстилната индустрија. Во 2002 положила испити за возење автобус и се обидела да се вработи во прилепска превозна компанија, но добила одговор дека угледот на фирмата ќе се наруши ако има жена возач. Во 2008 се преселила во Скопје и повторно се обидела да си го оствари сонот во ЈСП, но и таму била одбиена со изговор дека тоа би било возможно само доколку има роднина вработен во ЈСП кој треба да оди во пензија, па да го заземе неговото место. Пред две години конечно си ја исполнила долгогодишната желба, благодарение на автобускиот превозник „Роман“, и денес таа е единствената жена возач на автобус во меѓуградска линија во нашата земја!

Какво е чувството да се работи во област каде што доминираат мажите?

Многу од колегите ме бодреа дека можам, дека нема разлика дали си маж или жена ако работиш со љубов. Но имаше и такви кои беа против но не ми кажаа лично. Сепак, посилна беше поддршката што многу значи за борбата во машкиот свет.

Како реагираат патниците кога ќе видат жена возач?

Најчудно е што единствено имам добиено негативна реакција од жена, која рече: „Да знаев дека ти ќе возиш, немаше да купам карта“. Јас ѝ одговорив дека може да ја врати и да се вози со друг превозник или со наредната линија Прилеп – Скопје. Не сакаше да комплицира со замена на билети и дојде со мене. Кога стигнавме во Скопје, ми се извини, и наредниот ден повторно се возеше со мене.

Како се справувате со тешки патници или стресни ситуации?

Во сообраќајот се случува да има стресни ситуации, но мора да се остане смирен и да се постапува разумно. Нема паника и не смее да има, било со патници, било во сообраќај.

Кој е најголемиот предизвик со кој се имате соочено во вашата работа? А кој е најубавиот момент што сте го доживеале како возач на автобус?


Поврзани објави

Најголем предизвик ми беше полагањето за Е категорија (за шлепер) и возењето подолги автобуси од стандардните во сообраќајниот хаос во Скопје. А најубав момент ми е кога некој патник ќе ми каже дека бил професионален возач до пензија и на симнување ќе ми подаде рака и ќе ми каже „браво, колега“.

Имате ли забележано промена во нашето општество кога станува збор за поделбата на машки и женски професии?

Има многу мала промена во поделбата на професиите. Треба да бидеме трпеливи и упорни. Кога-тогаш ќе дојдат нашите 5 минути, а радува податокот што во секоја професија има жени борци кои сакаат да бидат рамноправни со мажите.

Кои се најважните карактеристики што треба да ги поседува еден возач на автобус?

Најважно е трпението со патниците, како и со другите учесници во сообраќајот за безбедно пристигнување на целта.

Што би ги советувала жените кои сакаат да се занимаваат традиционално „машка“ професија, но не се осмелуваат да го сторат тоа?

Многу жени кои сакаат да се занимаваат со машка професија, а не можат да се изборат во нашава држава, заминуваат во странство за да докажат дека можат, и сето тоа поради патријархалното сфаќање дека жената треба да седи дома. Патот до промената е тежок и бавен, но не е безнадежно.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА