Се очекува денес да се придружат во интервенцијата за справување со огнената стихија на територијата на Бугарија, во рамките на Европскиот механизам за цивилна заштита, четири хеликоптери од Чешка, Унгарија, Словачка и Франција, како и два авиона од Шведска.
Ова го соопшти бугарскиот премиер Росен Жељазков, кој говореше на оваа тема за време на неговата официјална посета на Република Молдавија, пренесе БТА.
Жељазков потенцираше дека во моментов во државата има околу 240 пожари, кои причинуваат штета, вклучително и прекугранични последици.
Росен Жељазков подвлече дека “95% од пожарите се предизвикани од човечка небрежност” и апелираше до граѓаните да бидат внимателни и совесни, особено во текот на летниот период и високите температури.
Според зборовите на премиерот, состојбата со пожарот кај Струмјани останува критична, каде што, освен воените хеликоптери, ќе бидат ангажирани и “50 воени лица од Министерството за одбрана”.
Населението е дислоцирано поради пожарот во околината на селата Тран, а пожарот во близина на Лесово ја премина границата со Турција.
“Европскиот механизам е активиран и европската солидарност функционира”, изјави премиерот на Бугарија, Росен Жељазков.