Почетна ЕкономијаДве акции за спасување 150 мигранти кај Крит

Две акции за спасување 150 мигранти кај Крит

од nenad
1 минути читај за

Утринава, Грчката крајбрежна стража изведе две интервенции за избавување на вкупно 152 мигранти, кои патуваа со четири пловила во акваториумот јужно од островите Крит и Гавдос, пренесе дописничката на МИА од Атина.

Во првиот случај, 113 лица беа лоцирани и спасени од три чамци во близина на Гавдос. Во операцијата учествуваа патролен брод на Крајбрежната стража, пловило за спасување, брод на Фронтекс, како и товарен брод кој пловеше во близина под знаме на Сингапур.

Мигрантите кои беа спасени, беа сигурно транспортирани до пристаништето во Гавдос. Втората акција се однесуваше на спасување на 39 мигранти во областа јужно од Крит. Лицата беа извлечени и префрлени на пристаниште на островот.

Како резултат на зголемените миграциски приливи во јужниот дел на Грција, грчкиот Парламент пред две недели го ратификуваше амандманот кој наложува привремено запирање на апликациите за азил за период од три месеци, за лицата од северна Африка кои илегално влегле во земјата преку водни патишта. Мигрантите без регистрација ќе бидат вратени или во земјата од која дошле или во државата на нивното потекло.

Министерот за миграција и азил, Танос Плеврис, во претходните денови изјави дека сите мигранти кои од Либија нелегално влегуваат во Грција ќе бидат притворени и пренесени во затвор се до нивното депортирање.