Table of Contents
Ако на патот забележите автомобил со бела крпа врзана на ретровизорот, не игнорирајте го – ова може да биде сигнал за помош, па дури и знак за итен случај.
Иако кај нас ваквата појава нема официјално значење, во некои делови од светот, особено во Соединетите Американски Држави, белата крпа на ретровизорот има јасна практична цел. Таму, возачите ја користат како сигнал дека возилото е во дефект, дека ситуацијата е под контрола и дека патниците се безбедни, но и како знак дека сопственикот ќе се врати по возилото, па нема потреба веднаш да се отстрани од патот.
Може да значи и повик за помош
Во ретки, но сериозни случаи, на пример при здравствена криза – срцев удар или ненадејна онесвестеност – белата крпа може да биде очаен обид за комуникација, особено ако возачот не може сам да побара помош. Во такви ситуации, овој импровизиран сигнал може да спаси живот.
Што вели законот кај нас?
Во Македонија, ваков вид сигнал не е пропишан со сообраќајните регулативи. Единствениот правилен начин на постапување при дефект е:
-
Вклучување на авариските светла,
-
Поставување сигурносен триаголник на пропишано растојание од возилото.
Употребата на бела крпа или сличен импровизиран знак може да доведе до погрешно толкување и да предизвика забуна или несигурност кај другите учесници во сообраќајот.
Што да направите ако го видите ова?
Ако наидете на возило со бела крпа на ретровизорот:
-
Пристапете претпазливо и внимателно набљудувајте – дали има лица во автомобилот, дали изгледа напуштено?
-
Доколку постои сомневање за опасност или итна потреба од помош, веднаш контактирајте ги надлежните служби (полиција, брза помош, патарина итн.).
Пораката е јасна:
На патот, понекогаш и едно парче ткаенина може да значи повик за помош. Бидете внимателни, одговорни и секогаш подготвени да реагирате.
Текст: Убавина и здравје