Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, објави дека одобрил предлог-закон со кој се унапредува сувереноста на специјализираните антикорупциски тела. Тој најави дека документот ќе биде поднесен денес до Врховната рада (украинскиот законодавен дом), објави Укринформ, цитирајќи објава од претседателот на Телеграм.
„Тукушто го одобрив текстот на закон со кој се гарантира вистинско зацврстување на владеењето на правото во Украина, независноста на институциите за борба против корупцијата и сигурна заштита од какво било руско влијание или мешање. Текстот е избалансиран“, напиша Зеленски.
Тој истакна дека од клучно значење е антикорупциските служби – Националното антикорупциско биро на Украина (НАБУ) и Специјализираното антикорупциско обвинителство (САП) – да имаат вистински алатки, да немаат било какви руски врски и да останат комплетно автономни.
„Важно е да го чуваме единството. Важно е да ја зачуваме независноста. Важно е да ја почитуваме волјата на украинскиот народ и сме благодарни на сите кои ја поддржуваат Украина“, додаде украинскиот претседател.
И покрај објавата, засега останува непознато кога пратениците ќе го разгледаат новото законско решение, особено имајќи предвид дека се очекува тие оваа седмица да започнат со летен одмор.
Овој предлог-закон доаѓа по низа несогласувања: на 22 јули, парламентот го изгласа законот за ограничување на овластувањата на НАБУ и САП, кој Зеленски веднаш го потпиша.
Законот предизвика остри реакции – дел од пратениците веќе работат на собирање потписи за доставување на иницијатива до Уставниот суд на Украина, додека во Киев и други градови веќе два дена се одржуваат протести.
Критичарите на мерките предупредија дека новото законско решение го става антикорупцискиот систем под контрола на обвинител поставен од Зеленски, што го отвора прашањето за политичко влијание врз независни институции. Европските функционери јавно ја осудија одлуката за намалување на автономијата на НАБУ и САП.
Зеленски вчера изјави дека имал состаноци со челниците на антикорупциските и безбедносните агенции и им дал рок од две недели да подготват конкретни насоки пред новиот закон да биде доставен до собранието. Меѓутоа, денес не даде повеќе информации дали ќе го повлече претходниот закон кој ги ограничува овластувањата на антикорупциските тела, ниту ги објави деталите од новиот предлог.
Во Киев вечерва се предвидуваат нови јавни собири. ссм/фото: архива.
Извор: МИА