Американскиот претседател Доналд Трамп, преку платформите за друштвено вмрежување, изрази поддршка за автомобилската компанија на Илон Маск. Овој потег е неочекуван, имајќи ги предвид нивните претходни јавни несогласувања.
“Сакам Илон и сите фирми во нашата земја да напредуваат,” напиша Трамп на мрежата Трут Соушл.
Сепак, оваа објава не успеа да ги поттикне акциите на компанијата “Тесла” на Маск. Вредноста на акциите забележа остар пад откако компанијата објави уште еден квартал со лоши финансиски резултати, а Маск предупреди на потенцијално “тешки квартали” во текот на идната година. Во попладневното тргување, вредноста на акциите на “Тесла” падна за скоро девет проценти.
Доцна синоќа, компанијата “Тесла” објави дека нејзините приходи се намалиле за 12 проценти, а добивката за 16 проценти во кварталот од април до јуни. Според извештаите, многу потенцијални купувачи се откажале поради вклучувањето на Маск во политиката, а конкуренцијата се зголемила на клучните пазари како Европа и Кина.
Инвеститорите се загрижени поради јавната дебата на Маск со претседателот на САД, бидејќи Трамп се закани дека ќе возврати со прекинување на владините договори и поволности за различните фирми на Маск, вклучувајќи ја и “Тесла”.
Но, денеска, Трамп зазеде значително различен став. “Сите велат дека јас ќе ги уништам компаниите на Илон со одземање на некои или сите големи субвенции што ги добива од американската влада. Тоа не е точно. Колку подобро им оди нив, толку подобро ѝ оди на Америка, и тоа е добро за сите нас,” напиша Трамп.
По усвојувањето на големиот буџетски закон на Трамп претходно овој месец, “Тесла” се соочува со губење на даночниот кредит од 7,500 долари за електрични возила и може да заработи многу помалку пари од продажба на регулаторни кредити на други производители на автомобили. Дополнително, царините на Трамп за земји како Кина и Мексико ќе ја чинат “Тесла” стотици милиони долари, соопшти компанијата кога го презентираше својот извештај за резултатите.
И самиот Маск го критикуваше предлог-законот за буџетот на својата социјална мрежа X поради, како што рече, зголемувањето на американскиот долг кога тој е веќе преголем. Генералниот директор на “Тесла” го нарече буџетот за кој се заложи американскиот претседател “гнасна одвратност” и се закани дека ќе формира сопствена политичка партија.
За време на вчерашното претставување на резултатите, Маск рече дека “Тесла”, која произведува електрични возила, ќе се соочи со “неколку тешки квартали” бидејќи компанијата ќе се движи помалку кон продажба на возила, а повеќе кон нудење возења во возила без возачи. Тој зборуваше и за бизнисите на компанијата во производство на хуманоидна роботика, но призна дека тие бизниси сè уште се далеку од тоа да можат да придонесат за подобрување на приходите на “Тесла”.