Почетна Убавина и здравје„Пациентите во нашата држава сè уште ја имаат таа предрасуда дека хирургот мора да биде маж“ – Убавина и здравје

„Пациентите во нашата држава сè уште ја имаат таа предрасуда дека хирургот мора да биде маж“ – Убавина и здравје

од nenad
5 минути читај за

Инспиративен разговор со првата жена специјализант по кардиохирургија во нашата земја

На јавноста ѝ стана позната како првата жена специјализант по кардиохирургија во нашата земја. Тоа е огромна чест, но и товар. Со многу труд, откажувања, жртвување време и конекции со семејството и блиските луѓе, Симона Патчева Грујевска успеала да стигне таму каде што е денес: на 32 години, таа е на средина од четвртата година од специјализацијата по кардиохирургија и доктор на науки при универзитетот во Љубљана, Словенија.

Покрај сето тоа, таа се има реализирано во улогата на мајка што некогаш се чинело невозможно за жена хирург. Нејзината приказна претставува вистинска инспирација!

Во едно интервју откривте дека првично сте сакале да специјализирате кардиологија, бидејќи не сте се осмелувале да спомнете кардиохирургија. Зошто?

Кардиохирургијата и, генерално, хирургијата е гранка која важи за примарно машка и не е едноставно да се стекне доверба од пациентите и да се покаже квалитетот. Од друга страна, сметам дека ние како жени имаме различно животно темпо, приватни обврски и инстинкти. Ако жената има намера да биде сопруга и мајка, мора да одвои време и енергија и за тие обврски, за домот и семејството.

Автоматски се смета дека не може да даде толку колку колегите мажи, па затоа жените поретко се одлучуваат за оваа специјализација или имаат опструкции при изборот. Од оваа перспектива сметам дека тоа се само изговори и дека сè може да се постигне со малку поголема лична жртва, односно кратење на времето за себе, од одморот или сонот.

Кои се најголемите предизвици со кои се имате соочено за време на вашиот професионален развој?

За мене најголемиот предизвик досега е да направам компромис помеѓу професионалните и приватните обврски, а притоа ниту една страна да не трпи последици. Откако станав мајка, времето кое треба да му биде посветено на моето дете, крати од времето кое претходно беше наменето за мене, за одмор и понекогаш темпото е баш интензивно.

Штом завршам со операции, правам визита да ги погледнам пациентите што сме ги оперирале тој ден, правам преврски каде што треба и се брзам да си го земам детето од градинка. Потоа веднаш се продолжува со активности околу него, надоместување на времето што сме го минале разделени. Но не го чувствувам тоа како товар, тоа е моето омилено време од денот. Неговите прегратки и насмевки и времето кое го минувам со сопругот и синот се мојот извор на сила. Тоа ми дава смисла. Особено ми значи времето кога сме тројцата заедно, со оглед на тоа што и мојот сопруг е специјализант по урологија, па и тој го има истото темпо на работа.

Имате ли почувствувано некакви предрасуди како жена која започнува кариера во област каде што претежно доминираат мажите?

Конкретно во институцијата каде што работам и од моите колеги, никогаш. Напротив, се чувствувам како рамноправен дел од тимот, но мислам дека пациентите во нашата држава сè уште ја имаат таа предрасуда дека хирургот мора да биде маж. Се случило многу пати, пациентите кои сум ги оперирала, односно сум учествувала во нивната операција, кога одам да ги посетам, да ми се обратат со „сестро“. Не го чувствувам тоа како навреда, најчесто не знаат дека сум била дел од тимот, но ако се појави болничар маж, тој ќе биде повикан со „докторе“. Потребно е уште време за да се изедначиме во односот мажи-жени хирурзи и да ја добиеме довербата и почитта.


Поврзани објави

Кој е најемотивниот момент од вашата кариера што секогаш ќе ви остане во сеќавање?

Не би можела да издвојам некој посебен момент од хируршките сали, имало многу среќни моменти, сум учествувала во операции и сме спасувале пациенти кои веќе биле прогласени за иноперабилни или пациенти кои моменти ги делеле од смрт. Огромен е адреналинот во тие ситуации, фокусот е беспрекорен и интензивен, а чувството на лична сатисфакција кога резултатот ќе биде добар, е бесценето. Тоа е чувството што ме мотивира да продолжам со оваа работа. Би издвоила еден момент од академската кариера, на кој особено сум горда.

Тоа е денот кога го одбранив мојот докторат во Љубљана, минатата година во март, по неколку години научно-истражувачка работа на универзитетот. За мене тоа беше голем сон, да ја добијам највисоката академска титула, знаење и вештини, со надеж еден ден дека ќе го пренесувам тоа знаење како професор на некој универзитет.

Како се справувате со стресните мигови во вашата професија?

Кардиохирургијата е исклучително стресна, нашите операции се микрохируршки, со многу мал простор за грешка. Потребни се огромен фокус, концентрација и прецизност со часови. По операција се чувствувам како професионален спортист по тренинг. Заморот, покрај психички, е и физички. Но љубовта кон тоа што го работам, восхитот кој и денес постои кај мене, неверувањето дека возможно е да се продолжи човечкиот живот на ваков начин, со толкава прецизност и виртуозност, ме водат напред.

Кои се најважните карактеристики што треба да ги поседува еден кардиохирург?

Упорност, работливост, фокус, емпатија, високо ниво на морал. Кардиохирургот, пред сè, треба да биде човек, скромен и приземјен, реален и искрен пред себе и пред другите, да презема одговорност и да стои зад своите одлуки и постапки. Оваа професија има исклучително влијание врз нечиј живот и затоа треба да се остане скромен при сите успеси и падови. Во првиот момент кога ќе се помисли дека е достигнат врвот и кога самоувереноста ќе порасне, подлогата за грешка е огромна. Темпото на работа треба да биде константно и со ист интензитет како од првиот ден.

Што би ги советувала девојките кои сонуваат да станат хирурзи?

Само огромна љубов кон професијата, фасцинација од она што се работи и емпатија кон пациентите како кон свои блиски. Квалитетот, талентот и напорната работа секогаш победуваат, само потребно е малку среќа да се добие шанса да се покаже сето тоа. Најважно е вистински да ја сакаат оваа професија.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА