Министерот за просторно планирање, урбанизам и државна сопственост на Црна Гора, Славен Радуновиќ, денес официјално потпиша договор со компанијата „Веком Гео“, избрана преку јавен конкурс, за подготвување на сателитски фотографии од територијата на државата и доставување на целосен софтверски пакет за автоматско откривање на нелегално изградени објекти.
Според објавата од Министерството, снимањето ќе започне веднаш, со цел да се овозможи усвојување на Законот за легализација на бесправно изградени објекти до крајот на јули. „Овој закон ќе биде едно од најважните решенија во областа на просторното планирање и има за цел трајно да ја прекине праксата на нелегална градба и да овозможи легализација на постојните објекти“, се наведува во известувањето.
Радуновиќ подвлече дека борбата против дивата градба ќе се води без никакви отстапки. „Воспоставуваме нулта толеранција.“ Тој додаде дека сателитските снимки и софтверот ќе овозможат прецизна и објективна евиденција на сите објекти во државата. „Бесправната градба оди во минатото!“, изјави министерот.
Преку новиот систем, инспекторите ќе добијат јасен визуелен приказ каде што легалните, новоизградени објекти ќе бидат обележани со зелена боја, додека нелегалните ќе бидат означени со црвена боја. Според Радуновиќ, на улцинските плажи има помеѓу 150 и 200 диво изградени хотели кои не плаќаат даноци и работат целосно нелегално.
Наместо уривање, Владата ќе се стреми да ги интегрира овие објекти во легален туристички промет. Според новиот закон, легализацијата ќе биде дозволена за објекти кои не го загрозуваат јавниот интерес, со задолжително плаќање на комуналии, а ќе има и можност за отплата до 30 години. Во спротивно, објектите ќе бидат срушени, порача министерот.
ссм/фото: архива