“Македонскиот јазик е официјален јазик на целата држава, а Македонија е потписничка на УНЕСКО конвенцијата за заштита на материјалното и нематеријалното наследство. Македонскиот јазик е дефиниран како духовно наследство и затоа треба да ужива највисоко ниво на заштита”, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во емисијата „Објектив“ на МТВ.
Таа дополнително изјави дека со новиот закон, се одговара на предизвиците на новото време, бидејќи сите сме сведоци на што се случува со говорниот и пишаниот јазик.
“Усвојувањето на законот е голем корак во дорегулацијата на правните норми за заштита и негување на стандардниот литературен јазик, што треба да го имаат сите институции за да го заштитат јазикот во неговата форма”, рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура истакна дека овој закон ќе предизвика промена во позитивна насока, за подигнување на свеста кај говорниците, како и за афирмација на јазикот надвор од границите на земјата.
