Пред извесно време, Европската комисија го претстави Планот за постепено откажување од руските енергетски извори. Портпаролката на ЕК за климатска акција и енергија, Ана-Кајза Итконен, денес изјави дека во текот на идниот месец ќе бидат предложени конкретни логистички решенија и детално ќе се опише начинот за остварување на оваа цел.
Нејзината изјава беше одговор на прашање од новинар, дали Европската комисија побарала од Софија да ги прекине разговорите со рускиот „Газпром“ во врска со транзитот на руски гас „преку Бугарија кон Македонија и Србија и потоа од Србија кон Босна и Херцеговина и кон Унгарија“.
“Нема да коментирам за деталите за случајот што го споменавте се додека не бидат презентирани логистичките предлози”, изјави Итконен, додавајќи дека во оваа фаза ќе се воздржи и од коментари во однос на преговорите и на трети земји со Русија, вклучително и на договорот кој српска компанија го има склучено со „Газпром“.
Таа нагласи дека новите предлози, кои ќе бидат публикувани за неколку седмици, ќе бидат само продолжение на долгогодишната стратегија на ЕУ за диверзификација на енергетските извори, со тоа што сега ќе се дејствува кон целосно ослободување од рускиот гас и останатите енергетски извори.