Почетна ЕкономијаТрипуновски: Акредитацијата на ИПАРД 3 не е загрозена со новиот Закон за земјоделство и рурален развој на ЕНЕР

Трипуновски: Акредитацијата на ИПАРД 3 не е загрозена со новиот Закон за земјоделство и рурален развој на ЕНЕР

од nenad
4 минути читај за

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, синоќа соопшти дека новиот Закон за земјоделство и рурален развој е приклучен на ЕНЕР системот. Тој очекува дека овој закон ќе биде темелот на проекцијата и визијата на Министерството за насоката во која треба да се движи.

“Веќе на ЕНЕР системот ни е закачен новиот Закон за земјоделство и рурален развој. Тоа практично е основата, темелот на проекцијата и визијата на едно Министерство во која насока треба да се движиме”, изјави Трипуновски.

Тој додаде дека законот се подготвува со сите чинители, транспарентно и отворено, вклучувајќи ги земјоделските здруженија и научната фела. По завршувањето на периодот од 30 дена, додека законот е прикачен на системот, повторно ќе се организираат јавни расправи за да се соберат сите идеи и да се осигура дека законот ќе биде вистинска проекција за идниот развој. “Овој Закон е темелот и таму е регулацијата и на пазарот, и на категоријата на земјоделци, и стратешките приоритети на земјоделското производство”, појасни Трипуновски.

Министерот исто така напомена дека паралелно со постојната законска регулатива, се работи на процеси кои тековно ќе им помогнат на земјоделците. Тој потсети на неодамнешниот повик преку Програмата за рурален развој, каде што земјоделските задруги се субвенционираат или ќе бидат поддржани со 90 проценти кофинансирање. “Здружувањата, според мене и според Владата, е клучот во успехот на пласманот на македонските производи. И во постоечкиот Закон веќе вметнавме и задругите да бидат дел”, истакна Трипуновски, додавајќи дека веќе тече објавата и очекува сериозен интерес. “Имаме обезбедено финансиски средства да ги помогнеме сите кои е побараат поддршка”, рече Трипуновски во „Тема на денот“ на Сител телевизија.

Во врска со барањето за негова оставка од шумската полиција, министерот нагласи дека политиката е вмешана кај претставниците кои го водат синдикатот на оваа институција. Трипуновски ги посочи проектите и активностите кои ги презел за подобрување на состојбата на шумските полицајци. “Мислам дека малку повеќе се меша политиката во делот на тие претставници кои што го имаат од страна на синдикатот. Јас можам само отворено да кажам дека на оној состанок на кој што бев обвинет дека има задоцнување, чекале пред мојот кабинет. Јас не бев во некој од рестораните во Скопје, јас бев на претходен состанок каде што со ФАО договаравме проект од 40 милиони евра кој што за наредниве десеттина дена и јавно ќе го презентираме што сме постигнале. Нормално се извинив за доцнењето на состанокот. Меѓутоа, она што јас го имам направено како министер за шумската полиција, го нема направено ниту еден министер. За потсетување, обезбедивме бенифициран стаж за секој шумски полицаец кој е вработен во Шумската полиција, подобрување на просторните услови во кои работат, техничка опременост на дел од шумските полициски станици. Во наредниот период уште позасилено ќе работиме и на подобрување на условите и на носење на нов Колективен договор. Зошто толку се дигна фама за некакво незадоволство? Неоправдано, во секој случај. Не знам. Претпоставувам треба да си прашат кај своите политички лидери”, рече тој.

Во однос на обвинувањата од опозицијата дека е под знак прашалник акредитацијата за европските фондови од ИПАРД 3, Трипуновски истакна дека не е загрозена акредитацијата и оти работат на акредитација на нова мерка. “Апсолутно не е загрозена. Дури и работиме на нова акредитација на мерката за рурална инфраструктура каде што ќе обезбедиме дополнителни средства за нашите македонски општини во делот на подигнување на рурална инфраструктура. Ние сме поуспешни. Тоа го говорат и бројките. Во моментов, над 60 проценти е искористеноста на ИПАРД европските фондови”, рече тој.

Трипуновски додаде дека има сериозен раст во споредба со првиот квартал за 2024 и првиот квартал за 2025 година. “Во делот на житата имаме раст од 42 отсто, во делот на градинарското производство имаме 50%, овоштарство и лозарство 12 отсто. Во делот на сточарството, добиток, живина, јајца, млеко и млечни производи бележиме раст од 9 до максимални 63 отсто”, појасни министерот, повикувајќи се на податоците на Државниот завод за статистика.

Министерот појасни дека кај категоријата индустриски растенија, Државниот завод за статистика покажа негативна референца бидејќи во ланскиот прв квартал беше спроведен откупот на тутун од реколтата 2023-тата година, кој доцнеше. Оваа година, најголемата количина на тутун се откупи во последниот квартал од 2024 година, што ја предизвикува разликата. “Инаку кога веќе се говори за тутунот, де факто бројките говорат дека и тука има рекорди во делот на пласманот и девизниот прилив, се откупија над 24 милиони килограми, со што над 196 милиони евра се влезени кај тутунарите”, нагласи Трипуновски.

“Денеска премиерот сподели една добра вест, а тоа е дека имаме раст приближно од 5 проценти во делот на извозот, тоа е вкупниот раст во делот на земјоделскиот – прехранбен сектор. Ако ги издвоиме во делот на овошје и зеленчук тогаш тука имаме раст од 14 проценти во споредба со минатиот квартал. Ако го земеме тутунот, тука имаме раст од 35 проценти. Или поточно во бројки, ако во првиот квартал во 2024 година извозот изнесувал 152 милиони евра, оваа година тој извоз изнесува 163 милиони евра. Значи имаме раст од 11 милиони евра”, заклучи министерот. Тој очекува до крајот на годината да има од 45 до 50 милиони евра разлика во позитива во однос на минатата година.

фф/аа/Фото: Принтскрин од видео .