Администрацијата на сегашниот американски претседател Доналд Трамп им наложи на службениците во Стејт департментот да евидентираат случаи кога нивните соработници манифестираат „антихристијански предрасуди“.
Ова е дел од реализацијата на нова извршна наредба која има за цел да ги поддржи вработените од христијанска вероисповед во федералната администрација.
Според внатрешен документ до кој дошол „Политико“, Стејт департментот ќе соработува со меѓуресорска работна група за да собира информации за „верски предрасуди од времето на претходната претседателска администрација“.
Меѓу другото, ќе се собираат примери на антихристијански ставови преку анонимни обрасци за пријавување кои вработените можат да ги пополнат. Оваа насока, испратена до сите американски амбасади ширум светот под името на државниот секретар Марко Рубио, беше дистрибуирана и како официјално известување во рамките на Стејт департментот.
Во документот се потенцира дека работната група, формирана врз основа на извршната наредба, ќе го одржи првиот состанок околу 22 април за да ги разгледа почетните сознанија. Директивата ги охрабрува службениците да пријавуваат колеги преку обрасци кои можат да бидат анонимни. „Пријавите треба да бидат што е можно подетални, вклучувајќи имиња, датуми и локации (на пример, амбасада или канцеларија во САД каде што се случил инцидентот)“, се вели во упатството.
Некои службеници во Стејт департментот реагирале со изненадување и загриженост, предупредувајќи дека, иако намената можеби е добра, директивата тргнува од погрешна претпоставка дека во Стејт департментот воопшто постои антихристијанска наклонетост. Тие стравуваат дека ова може да создаде атмосфера на страв и недоверба помеѓу службениците.
„Иако извршната уредба го става акцентот на антихристијанските предрасуди, секое таргетирање на поединци поради нивната верска припадност е дискриминаторско и спротивно на Уставот и разни федерални закони“, се наведува во известувањето. Извршната наредба на Трамп, издадена во февруари, ги обврзува сите федерални агенции да ги отстранат „антихристијанските предрасуди“ од државната администрација.