Почетна Убавина и здравје„Светот има потреба од џентлмени“ – Убавина и здравје

„Светот има потреба од џентлмени“ – Убавина и здравје

од nenad
4 минути читај за

Нашиот актер постојано постигнува значајни успеси на повеќе полиња, но признава дека тоа не би било возможно без поддршката од семејството…

Жарко Димоски имаше многу активен период. Ја освои белградската публика со улогите во мјузиклите на новиот театар „Одеон“, првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“, каде што му го позајмува гласот на главниот лик, постигнува значајни успеси на фестивали, а притоа продолжи и со неговите редовни ангажмани во „Театар Комедија“. Ни откри и дека во моментот додека ги одговарал нашите прашања, се наоѓал во Златибор, каде што привршувал со снимањето на долгометражен филм во кој ја толкува главната улога. Филмот се вика „Божиќна авантура“ и станува збор за топла семејна комедија која се случува околу Божиќ. Се очекува филмот да ја доживее својата кинопремиера околу Нова година, а на фестивали ќе почне да се прикажува од август.

Колку е важна поддршката од семејството за да се биде успешен во оваа работа?

Периодот што помина навистина беше и сè уште е доста активен. Од август минатата година започнаа подготовките за отворање на новиот театар ODEON. Досега поставивме три премиери, а првата беше претставата „Лу“, каде што ја играм насловната улога. Можам да кажам дека навистина направивме голем чекор во Белград, отворајќи нови погледи кон театарот и носејќи поинаков пристап кон уметноста. Паралелно со тоа се случи и премиерата на „Јон Вардар против галаксијата“, првиот македонски долгометражен анимиран филм, во кој му го позајмувам гласот на главниот лик. Голема работа за мене лично и голема работа за Македонската кинематографија. Театар Комедија е местото од каде што започнав, и местото што засекогаш ќе биде моја инспирација. Она што го правиме во Театар Комедија е навистина племенита мисија, и ќе продолжиме да го правиме тоа, затоа што театарот има фантастичен ансамбл, извонредни колеги, и единствено што можам да посакам – и за мене и за театарот – е само напред. Поддршката од семејството е клучна. Без нив не би можел да ги постигнам сите овие успеси. Тие се мојата потпора, инспирација и најважната врска со Бога. Без нивната љубов и разбирање, тешко би можел да функционирам во оваа динамична професија.

Кои жени имаат извршено најголемо влијание врз твојот професионален развој?

Кога станува збор за почетокот на мојата кариера, дефинитивно би ја издвоил мајка ми, затоа што јас сум првиот во моето семејство кој почна да се занимава со оваа професија и на сите им беше интересно да го следат мојот пат. Покрај неа, големо влијание имаа и моите две баби, кои постојано ми беа ветер во грб.

Кои жени би ги издвоил како најинспиративни од светската филмска сцена?

Од светската сцена би ги издвоил актерките од златната ера на Холивуд. Од Ава Гарднер, преку Мерилин Монро, до Брижит Бардо – сите тие оставиле свој уникатен печат во филмската историја. Денес има многу нови инспиративни жени во филмската индустрија, но класичните актерки од тоа време за мене остануваат непресушен извор на инспирација.


Поврзани објави

Еден период беше актуелен како водител на емисијата Gentleman Magazine…

Да, Gentleman Magazine беше прекрасен проект што траеше три години, но за мене тоа сè уште не е завршено. Тоа е нешто со кое се занимавам цел живот – од домашното воспитување, од разговорите со татко ми за тие добри, стари времиња и за тоа како треба да се живее, па сè до филмовите што ги гледам. Џентлменството е вид кој изумира, но верувам дека сè уште има луѓе како мене низ светот, кои сакаат да го вратат тој начин на живот. Додека постојат, ќе речам, витези како нас – ќе опстои и џентлменството.

Како функционирате ти и сопругата во поглед на поделбата на обврските во домот?

Функционираме многу динамично, затоа што постојано сме на релација Белград – Скопје, заедно со нашиот син Вито, кој има 16 месеци, и нашето куче Марли, кое никогаш не го оставаме. Андреа е прекрасна личност и затоа сè е полесно. Кај нас обврските се поделени 50-50. Кој што може, тоа завршува, затоа што со мало дете едноставно мора да се помага, да се внимава и постојано да се биде активен. Среќни сме, благодарни сме за сè што имаме, и тоа е најважно.

Твојот син сè уште е многу мал, но какви вредности би сакал да му пренесеш?

Сакам да го научам Вито никогаш да не им прави на другите она што не би сакал да му го прават нему. Да живее како добар христијанин и добар човек, да љуби и да биде љубен, и пред сè – да биде џентлмен. Се надевам дека ќе порасне во човек кој ќе ги негува овие вредности, затоа што светот има потреба од вистински џентлмени.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА