Почетна Убавина и здравјеПрва насловна страница генерирана со вештачка интелигенција – Убавина и здравје

Прва насловна страница генерирана со вештачка интелигенција – Убавина и здравје

од nenad
5 минути читај за

По пуштањето во печат на априлскиот број, редакцијата се подготвува за првата ВИ насловна страница, и дел од членовите пишуваме од нормални до сè побизарни описи во полето за пребарување, кои во превод на македонски изгледаат вака:

„Моделка во движење. Чекори во амбиент како да е на Месечината. Облечена во модерна футуристичка облека, но изгледа реалистично…“.

„Да изгледа сосема природно, но некој детаљ да упатува дека е ВИ…“

„Моделката да биде во движење и да е во друштво на космонаут…“

Еден од фаворитите за првата ВИ насловна кај нас!

Идејата за ВИ насловна

Со месеци размислувавме што да направиме како насловна тема во ова наше јубилејно издание… Одлуката ја донесовме еден месец пред рокот за печат, бидејќи ChatGPT беше често споменуван во редакцијата. Понекогаш како алатка што помага во работата, понекогаш како неупотреблива, но неретко како извор на забава.

Со огромна возбуда му пристапивме на предизвикот да ги креираме првата насловна страница и фотките за едиторијал со помош на вештачката интелигенција!

Инаку, вештачката интелигенција постои уште од 1950-тите и многу публикации експериментираа со слики создадени со нејзина помош, додека технологијата напредуваше и веќе е широко употребувана насекаде.

Дури и нашата компанија веќе има издание со ВИ генерирана насловна страница, тоа е годишникот на The Economist, „Светот во 2025“, кој го објавивме во декември, но ние не работевме на неа, туку ја презедовме од колегите од Англија.

И други домашни изданија, дневните весници, имаа по некоја ВИ генерирана фотографија во печатот, но нашиот магазин, како и сите други магазини од креативните области, посебно мода, убавина и животниот стил имаат посебни стандарди кои се однесуваат на квалитетот, од сите можни аспекти на фотографијата на насловната страница: модел, светло, колорит, стајлинг, сет…

Реализација на насловната

Денес постојат повеќе бесплатни и понапредни генеративни програми за креирање фотографии со помош на вештачката интелигенција. Ние се одлучивме за Midjourney.

„Ни треба добар промпт!“, коментираа девојките во редакцијата како одговор на цртаните, нереални ликови, недостатоците во бројката на прсти, екстремитети или накратко фрустрациите од сликите и од тоа што не добиваме ништо налик на она што го замислувавме.

„Што е тоа промпт?“, прашав, а девојките се насмеаја.

Не знаев дека така се нарекува барањето, односно текстот што го пишувате за да дадете насоки за потребната фотографија. Или во превод добар промпт е „доволно добар“ вербален опис на барањето што го упатувате до системот за да ви обезбеди фотографија, а не добро обликувана јазична порака со која би се обратиле на шалтер.

Програмот за вештачка интелигенција ги прима вербалните барања од корисниците и потоа, преку стотици милиони слики низ целата човечка историја, создава свои слики – пиксел по пиксел – кои се сосема нови.


Поврзани објави

Наведете кое било барање: „Сирена што свири на харфа на морскиот брег“. ВИ „размислува“ 20 секунди. И тогаш: четири висококвалитетни илустрации налик на уметнички слики секоја единствена, се појавија на екранот.

„Сирена што свири на харфа на морскиот брег“

Го менувам барањето: „Сирена што свири на харфа на морскиот брег, реалистична фотографија“. За 20 секунди нови 4 фотографии, на кои можете да работите до недоглед. Или онолку за колку сте платиле. Или колку ќе ви издржат очите и телото пред компјутер.

Дали беше доволно добар промптот со кој дојдовме до насловната која ни се допадна или успевме да разбереме каде грешиме и како да ги прескокнеме бариерите на непознавањето на материјата, не сум сигурна. Но успеавме.

И што сега?

Без оглед на фрустрациите, неизвесноста и исцрпувањето во процесот, кои открија дека сè не е толку едноставно, сепак брзината на испорачување на фотографиите нè замисли што е со иднината на фотографијата, уметноста, графичкиот дизајн… дали овие луѓе ќе останат без работа? (стр. 32)

И дали работните места воопшто нема ни да бидат важни, бидејќи ќе се остварат апокалиптичните сценарија и ќе војуваме со ВИ за спас на човештвото? (стр. 25)

На крајот на краиштата, и да не одиме толку далеку, како влијае секојдневната комуникација со ВИ на психата? (стр. 44).

Јас ќе ви кажам од нашето искуство, за мене – исцрпувачки. Но не затоа што е неприродно да комуницираме со ВИ, туку затоа што не знам доволно добро да го правам тоа. Во овој момент. Сега, по ова искуство, дупло побрзо би дошла до посакуваната цел. Бидејќи комуникацијата со програмот, иако се обраќаме вербално, не треба да се едначи со онаа со човекот.

Секако дека нема да се откажам да одам во чекор со времето и технолошкиот напредок кој мораме да го следиме. Не случајно одбравме за 17 годишниот јубилеј да одиме со оваа тема и во оваа авантура.

Пред 12 години е отворен нашиот портал, пред 10 години социјалните мрежи, пред 7 години ја развиваме целата наша дигитална платформа, пред 5 години ја отворивме нашата веб-продавница, поентата ми е дека УБАВИНА&ЗДРАВЈЕ е бренд, но и концепт, визија и емоција, која секогаш треба да опстои додека има своја публика.

Или барем да не се откаже во посегнувањето по неа низ сите можни комуникациски канали. Минливи сме ако не успееме да им се приспособиме на промените. Фотографијата од насловната за која ни требаа часови и часови да ја генерираме не значи дека ѝ доаѓа крајот на потрагата и фотографирањето преубави модели, туку дека сите луѓе, пред сè жени, мораме да се приспособиме на иднината.

Посакувам многу повеќе ВИ жени, но не како вештачки генерирани модели, туку жени што успешно и корисно ќе употребуваат ВИ или ќе станат стручњаци во полето.

Да ни се множат годините и успесите и заедно да се радуваме на напредокот!

Фотка од мене што ми ја генерираше новата платформа за вештачка интелигенција Apple Intelligence, достапна со последниот софтверски апдејт

P.S. Онака, успат, генериравме фотка со промпт – совршен маж. Еве ги првите 4 предлози за 20 секунди. Па гласајте!

 Loading …

Текст: Јована Стојменовиќ, главна и одговорна уредничка на „Убавина и здравје“