Почетна Убавина и здравјеЕве што подготвивме за вас! – Убавина и здравје

Еве што подготвивме за вас! – Убавина и здравје

од nenad
2 минути читај за

Додека го подготвувавме априлскиот број, наместо да бидеме целосно фокусирани на новата сезона, новата енергија, новите трендови и сè она што вообичаено го правиме во овој период од годината, ние како и сите луѓе во нашето општество сме обземени со емоции на тага, збунетост, безизлезност и револт.

Трагедијата што ни се случи во Кочани, остави огромна тага и празнина за која ќе треба многу време да ја пополниме, ако некогаш и успееме…

Во таа смисла, беше тешко да го осмислиме концептот на овој број. На крајот сфативме дека ние секако секогаш сме ориентирани кон читателот, и секогаш ја користиме целата креативност да бидеме во ваша служба, и дека, и овој пат, треба да го направиме истото. Да пронајдеме, да откриеме, да споделиме сè што сметаме дека е корисно за вас.

Покрај редовните рубрики, ставивме малку повеќе акцент на психолошките аспекти, кои нè обземаат периодов. Ви донесуваме приказна за слична трагедија во ноќен клуб во Букурешт која ќе ни помогне да разбереме дека не сме само и секогаш ние тие што мораме колективно да тагуваме (стр. 34).

А за да се избориме полесно со тагата што ја чувствуваме, разговаравме со стручно лице кое ни го објасни товарот што го носи целата заедница (стр. 54).

И Марија Лукаревска ги сподели своите размислувања за случувањата и темите на кои работеше во овој број, а кои се во контекст на трагедијата (стр. 38).

Жана Базби, пак, нè потсети дека, среде ерата на индивидуализмот, треба да се потсетиме дека сме дел од заедницата и дека не треба покрај своето да го забораваме општото добро, бидејќи така сме посреќни (стр. 32).


Поврзани објави

А токму затоа, поради општото добро, подготвивме и корисен еко-специјал (стр. 65).

Немам зборови за утеха. Но имам надеж. Дека сите заедно можеме полека да ги поправаме грешките на денешницата, или од минатото, и со мали и сигурни чекори ЗАЕДНО да направиме подобра иднина. Тоа е наша должност.

Ве сакаме,

Јована Стојменовиќ, главна и одговорна уредничка на „Убавина и здравје“

На насловната страница на априлското издание на „Убавина и здравје“:

Антониа Гиговска и Павле Николовски

ФОТО: АНТОНИО СТАНКОВ