Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денес реализираше работна посета на Општина Велес, каде што се состана со градоначалникот Марко Колев и членовите на општинскиот Совет.
На состанокот се дискутираше за актуелните и идните проекти во општината, со посебен осврт на инфраструктурниот прогрес, за реализацијата на проектот од првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти, како и за сите мерки кои Општината ќе ги спроведе самостојно, но и со помош од централната власт.
На Општина Велес на првиот владин повик ѝ беше одобрен еден проект, партерно уредување на плоштад и изградба на подземна гаража во централното градско подрачје, а на вториот владин повик, кој трае до 30 април, Општината поднесе 16 апликации.
– „На средбата беше заклучено дека владината инвестиција за уредување на плоштад и изградба на подземна гаража директно ќе придонесе за трансформација на урбаниот изглед на Велес, ќе овозможи нов јавен простор за жителите и ќе создаде поголеми можности за културни и социјални активности.“
Од Министерството за локална самоуправа известија дека „подземната гаража ќе го реши долгогодишниот проблем со паркирањето во центарот на градот и ќе обезбеди поефикасен и побезбеден сообраќаен систем, што е од особена важност за урбаната мобилност и секојдневното функционирање на граѓаните.“
Министерот Перински истакна дека Владата останува посветена на континуираната поддршка на општините, со јасна и единствена цел – создавање услови за поголем развој на секоја општина.
– „Впрочем, како што беше заклучено на средбата, силна држава се гради врз темелите на развиени локални заедници“, се додава во соопштението.
Оваа работна посета на Општина Велес е дел од теренските посети на министерот Перински на општините со цел непосредно запознавање и идентификување на сите предизвици во единиците на локална самоуправа и планирање насоки на дејствување за нивно надминување.