Винарската визба „Тиквеш“ треба да гарантира пред Халк банка за 12,5 милиони евра кредит што ќе го земе фирма во која управители се првиот човек на „Тиквеш“ и негов постар син. „Тиквеш“ е успешна домашна компанија со силна извозна компонента. Но факт е и дека „Тиквеш“ има кредитни обврски кои надминуваат 20 милиони евра, а на нив лани винарската визба плати камати од 869.000 евра Акционерите на најголемиот и најпознат производител на вино во Македонија треба да одлучат дали „Тиквеш“ ќе гарантира за банкарски кредит вреден 12,5 милиони евра на фирмата М-6 ЕДЕН ДОО Скопје. Ова е најновиот предлог што ќе се најде на дневен ред на претстојното акционерско собрание закажано за 29 април годинава. Два аспекти го привлекуваат вниманието на инвеститорската заедница кои произлегуваат од објавената предлог одлука за ова акционерско собрание. Првиот аспект е тоа што познатиот македонски бизнисмен Светозар Јаневски се јавува како овластен претставник на „Тиквеш“, поточно претседател на Управниот одбор, а воедно и истовремено е и управител на фирмата за чиј кредит ќе гарантира „Тиквеш“.